Фото: Маја Јаневска Илиева

Владината стратегија го поставува мастришкиот критериум на јавен долг од 60 отсто од БДП како горен лимит на задолжувањето, но сепак, според експертите, таквата претпоставка е арбитрарна и лабава и не се базира на детална анализа

Јавниот долг во Македонија за десет години се зголемил за околу три и пол пати, а се прогнозира и дека ќе расте откако завчера беше објавено дека тој во 2018 година изнесувал над пет милијарди евра, односно 49 отсто од БДП, што е зголемување за околу 3,6 милијарди евра во однос на 2008 година, кога изнесувал 1,5 милијарда евра, односно 23 отсто од БДП. Иако има стабилизација на јавниот долг во текот на изминатата година, економистите велат дека неговото намалување би било тешко, односно невозможно во услови кога нашата држава проектира буџетски дефицити што се поголеми од порастот на економијата.
Според Марјан Петрески, универзитетски професор, долгот има стабилизација во последниве година-две, што делумно секако се должи на подоброто управување, но во еден голем дел се должи на подреализацијата на капиталните расходи, иако за дел од нив беа обезбедени средства од еврообврзница. Дел од нив моментално се чува на сметката на Владата, односно не се користи.

– Ниту ситуацијата на брзорастечки долг, ниту таа на неискористување на средствата не се оптимални стратегии. Во услови на растечки потреби за финансирање крупни проекти, како што се патиштата или гасификацијата, логично е долгот да расте. Тоа е таканаречен „здрав“ долг, бидејќи ќе го подигне конкурентниот капацитет на економијата и на долг рок ќе го зголеми отплатниот потенцијал. Со оглед на тековните проекти, сегашното ниво ќе се зголемува над 50 отсто, но важно е долгот да се стабилизира и пополека да започне да опаѓа кога ќе се намалат важните инвестициски потреби, можеби по 5-10 години отсега – објаснува Петрески.
Тој вели дека генерално е погрешна дебатата за намалување на долгот и дека, напротив, фокусот треба да го ставиме на продуктивно искористување на позајмените средства, односно да позајмуваме само за цели што ќе го подигнат продуктивниот капацитет на економијата и таа ќе може со поголема леснотија во иднина да ги отплаќа долговите.

– Мојот личен став е дека е потребно отворање широка дебата за јавните инвестиции, какви видови инвестиции ни се потребни, колку чинат, нивната приоритизација итн., што е сврзано со реобмислување на Стратегијата за јавни инвестиции – вели Петрески.
Динамика на порастот на јавниот долг за Македонија е неодржлива, смета претседателот на МАНУ, Таки Фити. Голем проблем е што државата непродуктивно се задолжува. Тој вели дека долгот не е одржлив ниту на среден рок, бидејќи динамиката на порастот на бруто-домашниот производ е помала од порастот на долгот.

– Добар дел од тој долг е профилиран и имало задолжувања во непродуктивни инвестиции. Според тоа, долгот не може да се враќа. Владата мора да биде повнимателна и тоа треба да се рационализира и да бидеме претпазливи – нагласува Фити.

Владата во својата фискалната стратегија за 2019-2021 објаснува дека, иако во изминатите години нивото на долгот се зголеми, сепак во однос на земјите од ЕУ, Македонија останува умерено задолжена земја.

– За да се задржи нивото на јавниот долг во одржливи рамки, без притоа да се наруши фискалната одржливост, се утврдува лимит, нивото на вкупниот јавен долг на среден и долг рок да не надминува 60 отсто од БДП. Нивото на долгот се смета дека е одржливо доколку овозможува навремено сервисирање на обврските што достасуваат по основа на долг на подолг период и тоа зависи од многу фактори, како што се: степенот на развој на домашниот финансиски пазар, ликвидноста на меѓународниот пазар на капитал, стапката на пораст на економијата, стапката на инфлација, нивото на буџетски дефицит/суфицит и слично – се вели во стратегијата.
Како што истакнуваат од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, иако стратегијата го поставува мастришкиот критериум на јавен долг од 60 отсто од БДП како горен лимит на задолжувањето, сепак таквата претпоставка е арбитрарна и лабава и не се базира на детална анализа на тоа како структурните карактеристики на македонската економија може да ја симнат одржливата граница – појаснуваат од „Фајненс тинк“

Тие додаваат дека алтернативно, во ситуација на значителен проектиран пораст на јавниот долг и проектиран пораст на БДП што подлежи на нагорни ризици, стратегијата мора да изврши детална елаборација на тоа како ќе се трошат позајмените средства (особено оние над износите што достасуваат за враќање) и да изврши процена на ефектите од инвестираните средства врз економијата.

Инаку, според извештајот на Светска банка, јавниот долг во Македонија во 2018-та се зголеми во однос на 2017 година и достигна 49 отсто од БДП, но се очекува до крајот на оваа година тој да оди на над 51 отсто, а во наредната да изнесува над 53 отсто. Нашите соседи Албанија и Србија, но и Босна и Херцеговина го намалиле јавниот долг. И покрај тоа што кај нас задолжувањето расте, а во повеќето држави од опкружувањето се намалува, економистите од оваа меѓународна финансиска институција велат дека тој е на умерено ниво и сето ова би било резултат на парите што ќе се потрошат за изградба на автопатиштата. За стабилизирање на долгот, предупредуваат дека се потребни суштински структурни реформи.

– Очекуваме зголемување на јавниот долг, поради забрзување на изградбата на автопатиштата и мислиме дека ова е привремен феномен. Кога ќе заврши изградбата, долгот ќе се намали повторно. Во регионот гледаме дека и земјите што се во фаза на изградба на автопатишта се соочуваат со зголемување на јавниот долг, но откако изградба ќе заврши, гледаме намалување. Важно е да се осигури дека задолженоста што се случува ќе се користи само за она што ќе го забрза порастот во иднина – нагласи Сања Маџаровиќ-Шујстер од Светска банка.

[email protected]