Фото: Игор Бансколиев

Само затоа што имиџот на брендот е веродостоен и препознатлив, не значи дека треба да се престане со вложување време и напор за неговото одржување и унапредување, вели претставничката на винарницата „Стоби“, Елена Вришку

Постојано негување, афирмирање, брзи приспособувања, како и создавање чуство кај потрошувачот дека добива нешто уникатно, станува суштината на современиот маркетинг. Одржување и унапредување на квалитетот на производот на исто ниво како при неговото лансирање е услов за одржување на карактерот на брендот. Ова се само некои од чекорите што се неопходни за зачувување на стекнатиот имиџ на еден бренд. За тоа што уште е потребно за да се одржува брендот, разговараме со претставници на неколку наши успешни компании, кои со своите препознатливи брендови, освен на домашниот, се присутни и на повеќе странски пазари.
– Формирањето бренд би рекле дека е само мал и почетен чекор од целиот процес на неговото постоење. Многу поважна фаза е неговиот развој и негово одржување низ годините на високо ниво на свест за брендот на потрошувачите. Брендот бара постојано негување, постојано следење на состојбите на пазарот и можност за брза реакција и приспособувања, особено во вакви кризни периоди. Потребно е постојано инвестирање и иновативност преку понуда на нешто ново и уникатно доживување. Само затоа што имиџот на брендот е веродостоен и препознатлив, не значи дека треба да се престане со вложување време и напор за тоа. За менаџерите е најважно постојано да го одржуваат и да го освежуваат својот бренд доколку сакаат да останат пред конкурентите и да го достигнат својот целен пазар. Клучен елемент е и да се задржи конзистентноста во квалитетот на услугата и производите, како комуницирате со клиентите и други области откако ќе се создаде брендот – објаснува Елена Вришку, маркетинг-менаџерка на винарницата „Стоби“.

Брендот, како и секоја личност, има свој карактер

Еден од косопствениците на компанијата „Македонија експорт“, кои во своето портфолио имаат многубројни брендови, Калин Бабушку, истакнува дека формирањето бренд не е работа што се прави за еден ден или, пак, за еден месец.
– Создавањето бренд е процес, кој не само што бара време туку и ресурси, како човечки така и материјални. Создавањето бренд не е нешто што е лично, туку треба да излезе од потребите, односно да излезе како еден вид синергија на потребите на пазарот, вашиот потенцијал (материјален, човечки, производен и друго) и плановите што една компанија ги има за во иднина. Ова последново е многу важно затоа што бренд е нешто што вие го создавате, а треба да бидете свесни дека вашите правнуци ќе го тераат, а и генерации после тоа – посочува Бабушку.
Тој дополнува дека брендот е како личност и како и секоја личност и брендот си има свој карактер, вредности, потреби, навики и други карактеристични особености и како и со секоја личност и брендот треба да се негува и развива/расте низ годините.
– Како расте, така брендот ги поминува сите степени на развој на една личност, па прво проодува, па после тинејџерски проблеми, па потоа адолесценција, па старост и период кога треба да направите некоја промена, за повторно да оживее. Кога развивате бренд, ги дефинирате неговите вредности, карактер и тоа се трудите да го развивате и одржувате низ сите овие фази на развој. Во суштина, преку промоцијата (рекламирањето) се воспоставува континуирана комуникација на вредностите на брендот со надворешниот свет. Соодветно на ова, во какво светло ќе се презентирате на надворешниот свет, таков бренд и ќе пласирате и позиционирате на пазарот – дополнува Бабушку.

Луѓето секогаш ќе се сеќаваат на добра приказна

И претставничката на винарницата „Стоби“ објаснува колку винскиот сектор е зависен од повеќе надворешни фактори, кои вообичаено не се директно контролирани од самата компанија, како на пример: препознатливоста на самата земја како винска земја, корелациите и поврзаноста со сите чинители во секторот и нивната успешна или неуспешна соработка и, секако, од поддршката и влијанието на државата врз развојот на овој сектор.
– Сето тоа влијание на одржување на стекнатиот имиџ на една компанија или бренд. Без разлика дали нарачуваат шише во ресторан или им служат шише на гости дома, името и изгледот на брендот на вино имаат силно влијание врз очекувањата на луѓето од виното. Изгледот на шишето и етикетата се како мини-билборд за секоја винарница. Потоа, клучни се каналите на социјалните мрежи и веб-страницата, на кои мора да се пренесува истата порака и дизајн. И, секако, приказната што е поставена уште на почетокот, луѓето секогаш ќе се сеќаваат на добра приказна, затоа изработката на совршената приказна за лозјето, локацијата и грозјето е многу важна. Ова се само дел од методите и начините за одржување и раст на брендот. Дури и во период на светска пандемија инвестираме во одржување на брендот, и во следната година ќе имаме промоција на ново портфолио на вина – дополнува Вришку.

Како да се зачува конзистентноста

Според Петар Лазаров, косопственик на „Македонија експорт“, големо значење за еден бренд е неговата конзистентност, во секој аспект на работењето.
– Во одржувањето и негувањето на еден бренд, исто како и за која било личност, важен е квалитетот, кој мора да биде на највисоко ниво. Да објаснам, ако сте однатре лоша личност, колку и да се облечете убаво, попусто ви е, луѓето ќе ве перципираат како лоша личност. Тоа ви е ако имате лош производ, а сте направиле одлично и скапо пакување. Исто така е важно комуникацијата (промоцијата) да има интегриран пристап, што значи дека во сите канали што ги користите треба да има континуирана комуникација на вредностите и порака што ја праќате со брендот – објаснува Лазаров.
Наедно, Лазаров укажува дека токму оваа пандемиска година тие пристапиле кон лансирање нови брендови, и тоа на интернационален пазар.
– Сакам да кажам дека брендот е жива материја. Постојано бара фокус, анализа, тестирање, менување, адаптирање и посветеност. Секоја фаза од развојот си има свои особености и бара постојано да сте присутни. Исто како кога одгледувате и растете дете. Со тоа што кога имате дете по некое време го оставате само да се снаоѓа во животот. Кај брендот постојано мора да сте тука до него – прецизира Лазаров.