Оваа година планирани се над 200 милиони евра инвестиции само во патната инфраструктура. Продолжуваме со изградба на пругата кон Бугарија, со гасификацијата, со нови проекти во комуналната инфраструктура. Нè чека долга и интензивна градежна сезона, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој заедно со заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи, и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, изврши увид на реконструкција на мост на регионалниот пат Куманово – Свети Николе.

– Ни претсоти долга градежна сезона, каде што инвестициите во инфраструктурата дополнително ќе ги засилиме. Продолжуваме со изградба на автопатите и експресните патишта, со 25 нови проекти во комуналната инфраструктура, со изградба на магистралните гасоводи, а со почетокот на градежната сезона почнуваме со рехабилитација на локалните улици и патишта во согласност со динамиката предвидена со завршените тендерски постапки – изјави Бочварски.

Тој додаде дека објавена е тендерската постапка за изградба на пругата во двете фази од Куманово до Крива Паланка за што во наредниот период се очекува да се избере изведувач за градежните работи.

Во однос на реконструкција на мостот, министерот Бочварски истакна дека ова е инвестција со која ќе се подобри безбедноста во сообраќајот.