Агенцијата за супервизија на осигурувањето е пред блокада во работењето, бидејќи од денеска и формално oстана без првиот човек, Климе Попоски, кому му истече мандатот.

– Немам информација до каде е постапката. Владата треба да достави до Собранието предлог, а Собранието да избере – рече Попоски. Тој и самиот се пријавил за нов мандат.

Владата во октомври распиша оглас за избор на претседател и еден професионално ангажиран член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување. Рокот за пријавување истече минатата недела, а сè уште е неизвесно кога би се случил изборот. 

Советот на Агенцијата е составен од пет члена, од кои, еден е претседател. Агенцијата прави супервизија на друштвата за осигурување, осигурителните и брокерски друштва, издава и одзема согласности, дозволи и лиценци…

Освен овој избор, се одолговлекува постапката за избор на главен државен ревизор во Собранието поради коалициската неусогласеност меѓу СДСМ и ДУИ. Во Собранието е заглавен е изборот за членови на Програмскиот совет на МРТ, како и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.