Иако битолчани одамна многу слабо пијат битолско пиво и најчесто на нивните трпези се служеше скопско пиво, сепак малкумина од нив веруваа дека битолската пиварница повторно ќе стави катанец на производствените погони и ќе замине во стечај.

За време на нашата посета на битолската пиварница не затекнавме никого. Влезната врата во производствениот погон е заклучена, а катанец е ставен и на другите објекти во пиварницата. Го затекнавме само обезбедувањето, кое нѐ информира дека веќе подолго време во пиварницата работниците се испуштени од работа, а не навраќа ниту сопственикот Блажо Димитров од Радовиш.

Во врска со судбината на пиварницата разговаравме со стечајниот управник Ристо Димовски.

– Точно е тоа дека против битолската пиварница е поведена стечајна постапка и дека јас сум назначен за стечаен управник, но во моментот сѐ уште ги немам податоците колку изнесуваат побарувањата на доверителите и долгот – вели тој.

Инаку, пиварницата по втор пат заминува во стечај. По првиот стечај, на барање на вработените, експремиерот Љубчо Георгиевски им ја врати фабриката на вработените, кои подоцна му ја продадоа на Ахмет Искендер од Турција. Но тој, иако добро стартуваше со производството на популарното пиво „кенбах“, кое на амбалажата имаше и термометар за мерење на температурата, подоцна не се прослави многу и ја доведе пиварницата до банкрот, така што во 2010 година од страна на извршител му беше продадена на сегашниот сопственик Димитров. Тој долги години ја држеше затворена, за потоа во нејзината реконструкција да вложи повеќе од десет милиони евра, од кои најголем дел во нова опрема која требаше да овозможи комплетно автоматизиран процес на производство, по сите европски стандарди. Но таа речиси никогаш потоа не проработи со полн капацитет.