Четвртиот пакет мерки ќе помогне за ублажување на првите удари од пандемијата, задржување на работните места и на ликвидноста на фирмите, но најверојатно нема да биде доволен, кажа на вчерашната прес-конференција вицепремиерот Фатмир Битиќи. Тој посочи дека во зависност од ефектите што ќе бидат постигнати со четвртиот пакет мерки за справување со кризата, ќе се одлучува какви мерки ќе се носат во следниот период.
– Ќе требаат и петти и шести пакет мерки за справување со кризата од вирусот. За тоа ќе зборуваме и цела 2021 година. Колку и да треба, ќе донесеме мерки за полесно да ја надминеме кризата и овој период – истакна Битиќи.
Вицепремиерот заедно со министерот за економија Крешник Бектеши вчера најави дека 48 компании од земјава до крајот на годинава ќе добијат финансиска поддршка за инвестициите што ги имаат предвидено, а врз основа на договорите што ги склучија со Владата.

– Врз основа на Законот за финансиска поддршка на инвестициите годинава се потпишани нови договори со 38 компании и 10 анекси на договори, со вкупен инвестициски циклус од 53,4 милиони евра – соопштија Битиќи и Бектеши.
Станува збор за финансиски средства што компаниите ги вложуваат во инвестиции и развој, како и стекнување конкурентска предност, со што се овозможуваат напредок и развој за вработените и отворање нови работни места, беше посочено на онлајн конференцијата.
– Ја поздравувам одлуката на овие 48 компании што решија да инвестираат, со што ќе продолжи трендот на нивен раст, ќе отворат нови работни места и ќе се зголеми конкурентноста како на домашниот, така и на меѓународните пазари – дополни вицепремиерот.
Битиќи нагласи дека за компаниите што потпишаа договори, како и за оние што имаат повеќе годишни инвестициски деловни планови следува постапката за поднесување барање за исплата на финансиска поддршка, која ќе биде исплатена до крајот на годината.