Вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација на економските ресори, Фатмир Битиќи, се сретна со претставниците на Независната угостителска комора (НУК), со кои разговараше за нивните видувања во однос на досегашната поддршка на стопанството преку имплементацијата на трите сета антикризни мерки, а дискутираа и за новиот, четврт сет на мерки, кој се очекува Владата да го усвои и објави во периодот кој следи.

Вицепремиерот посочи дека Владата уште од самиот почеток, имајќи го предвид глобалното влијание на пандемијата, како и ограничувачките мерки за заштита и превенција од ширењето на коронавирусот ковид-19, ги детектираше угостителскиот и туристичкиот сектор како сектори кои би можело да имаат најсериозни негативни последици. Токму заради тоа, додаде Битиќи, Владата креираше три сета на мерки, во кои главен фокус беше ставен токму на поддршката на угостителскиот и туристичкиот сектор, но и на сите други компании кои бележеа загуби поради пандемијата.

Тој оцени дека бизнис секторот позитивно одговорил на креираните мерки. Компаниите од угостителството и туризмот, се јавуваат во најголем број како апликанти за бескаматните кредити кои што се доделуваат преку Развојната банка, а со кои се одржа ликвидноста на компаниите, голем број на компании од овие сектори ја искористија и можноста да аплицираат и да ја добијат поддршката за исплата на минималната плата за своите вработени, со што се зачуваа огромен број на работни места, а преку ваучерите за купување на домашни производи и за домашен туризам, дополнително се раздвижија и угостителствот и туризмот.

Вицепремиерот Битиќи, во дискусијата со претставниците на НУК, рече дека четвртиот сет на мерки, којшто интензивно се подготвува, ќе биде сеопфатен и ќе пружи вистинска поддршка токму на оние на кои таа им треба. Угостителскиот и туристичкиот сектор, сеуште се далеку од посакуваното ниво, а од Владата велат дека ќе ги направат сите напори да ги поддржат вработените и компаниите од овие сектори и да се зачуваат колку што е можно повеќе работни места за граѓаните.