Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска во рамки на Првиот економски форум, во Скопје, учествуваше на панел-дискусијата на тема „Економското закрепнување на Северна Македонија по пандемијата“ заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими.

Форумот, чиј фокус се поставувањето темели за стабилност и просперитет во Северна Македонија, го отвори претседателот на Владата, Зоран Заев, а, министри, владини претставници и претставници на Амбасади и истакнати бизнисмени учествуваат во повеќе панел дебати, посветени на стабилноста и соработката во регионот на Балканот, економскиот развој на земјата по пандемијата од ковид-19, за странските инвестиции, унапредувањето на инфраструктурата, енергијата, туризмот и одржливиот економски развој.

– Ако говориме за влијанието на глобалната пандемија врз нашата економија, ние не почувствувавме тешки последици како останатите земји, бидејќи ако можам да кажам, многу брзо ги увидовме можностите за ефективно справување и ја согледавме можноста кризата да ја искористиме за економски развој и конкурентност на нашата економија и во днос на привлекување на странски инвестиции – рече вицепремиерот Битиќи.

Тој истакна дека како држава бевме единствени во справувањето со кризата и следејќи ја ситуацијата, Владата донесе шест пакети економски мерки, што овозможи како што рече, брзо да се прилагодиме на новонастанатите ситуации.

– Според речиси сите статистички податоци, посебно во последниот месец, јасно е дека постои тенденција на заздравување на економијата на Северна Македонија – додаде Битиќи.

Моментот кој сега мораме да го искористиме, според него е засилена работа на остварување на целите од Берлинскиот процес и креирање на заедничка – регионална економска зона.

– Да одиме чекор понапред и да гледаме кон регионална конкурентност наспроти регионална конкуренција што е практичен чекор за како да ги искористиме потенцијалите на регионот и да бидеме дел од вредносниот ланец на поголемите економии, но и да сме регионално конкурентни и единствени во привлекувањето на странските инвестиции – истакна Битиќи.

Организатор на денешниот Форум е Делфи економскиот форум, познат по годишните средби во Грција, заедно со Грчката бизнис асоцијација од Северна Македонија, во партнерство со домашните компании.

Целта на Економскиот форум во Скопје е да прерасне во средба на високо ниво на најсилните локални и меѓународни политички лидери и бизнисмени во пресрет на континуираните предизвици со кои се соочува Северна Македонија, но и во поширокиот регион.