Владината мерка за недела неработен ден ќе се преточи во законско решение, и тоа најбргу што може, тоа е ветување што Владата го стави како приоритет во владината програма и тоа ќе се оствари, соопштија од кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економски сектори и инвестиции, Фатмир Битиќи.

Во соопштението се додава дека примената на законското решение ќе биде во согласност со сите социјални партнери, а ќе бидат земени предвид сите фактори кои се дел од функционирањето на економијата во нашата држава, во тоа спаѓаат и веќе зацртаните планови за буџетирање на компаниите од приватниот сектор, како и на институциите од јавниот сектор.

– Работниците и работничките што ќе работат кај работодавците што ќе функционираат и во недела, ќе добиваат зголемен надоместок за работа во недела, што значи и дека буџетите на фирмите ќе претрпат измени, а за да не дојде до краткорочни промени во бројот на вработените поради зголемување на овие надоместоци кај работодавците, сепак треба да се даде простор за реорганизација и планирање со стартен период од новата календарска година, т.е. 2022. Владата мора да ги земе предвид сите општествени фактори, како фактот дека во оваа календарска година сѐ уште се справуваме со последиците предизвикани од ковид-кризата – се вели во соопштението.

Исто така, се разгледуваат и предлозите на синдикатите, каде што се бараат одредени отстапки во валоризацијата на механизмот „работа во недела“, кои ќе бидат поповолни за работниците и работничките. Од таму порачуваат дека само преку заеднички договор ќе се дојде до конечното решение, а тоа, како што се нагласува, ќе значи попродуктивна работна сила, фер валоризација на трудот на работничките и работниците и работодавците, кои веруваат во прогрес и развој.