Во рамките на континуираниот процес на дијалог и дискусија помеѓу Владата и другите органи на државна управа со преставниците на бизнис секторот, во Владата се одржа редовна седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог со која ко-претседаваше Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.

–Вицепремиерот Битиќи и државната секретарка Чекиќ Дуровиќ на почетокот ги информираа присутните за активностите преземени од Владата, министерството за економија и другите државни институции кои имаат надлежности во електро-енергетскиот сектор, при што констатираа дека се прават напори да се максимизира производството на електрична енергија од домашни производители. Присутните беа известени дека Владата будно ја следи состојбата и редовно одржува состаноци на кои се дискутираат чекорите потребни да се амортизира состојбата која е предизвикана од енергетската криза во Европа, при што се ставени во функција термо електраните во Битола, Осломеј и Неготино, се следи операционализација на планот за набавка на ресурсите потребни овие капацитети да работат непречено, паралелно се работи на зголемување на производсвото на електрична енергија од обновливи извори, при што веќе се усвоени четири стратешки проекти за изградба на вакви големи капацитети (фотонапонски централи и ветерни електрани), а се планираат и други мерки со кои ќе се заштитат граѓаните, особено ранливите потрошувачи од евентуалните покачувања на цената на струјата – се вели во соопштението од Владата.

На седница се дискутирало за повеќе актуелни теми поврзани со економијата, меѓу кои и за законските измените во однос на „недела неработен ден“ и за статусот на подготовка на новиот системски Закон за работни односи, процесот на намалување на бројот и износот за парафискалните давачки, дигитализација во администрацијата и други теми кои се во интерес на стопанството и економскиот развој на земјата.

Во однос на „недела неработен ден“, соопштено е дека се направени измени и се очекува Собранието наскоро да ги усвои, пришто законското решение би стапило на сила од 1 јануари 2022 година.