Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, присуствуваше на панелот „Геополитиката, инфраструктурата и поврзаноста во регионот на Југоисточна Европа“, кој се одржа во рамките на „Енергетскиот форум на Југоисточна Европа 2021“, во Солун и е во организација на Американско-грчката стопанска комора, Асоцијацијата за енергетска економија на Грција, во соработка со амбасадата на САД и Атлантскиот совет.

Битиќи нагласи дека во последните неколку години енергетските политики во Македонија се поставени на стабилни основи. Тие, рече тој, гарантираат безбедно и стабилно снабдување со енергенси, но и диверзификација при снабдувањето, кои се базирани на чиста зелена енергија и кои ќе овозможат одржлив раст на економијата на нашата држава.

– Нашиот нов закон за енергетиката е целосно усогласен со ЕУ-регулативите, како и со Енергетската заедница, и овозможува реализација на новата Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година и националниот план за клима и енергија, кој се чека на усвојување. За овие наши активности Енергетската заедница ги пофали нашите напори и посветеност за сето она што го направивме во енергетскиот сектор бидејќи сме првата земја од Западен Балкан што го стори сето тоа – додаде Битиќи.

Денеска, во рамките на овој форум се потпиша договорот помеѓу националните преносни компании за гас во Македонија (НЕР) и во Грција (ДЕСФА), во кој се дефинирани условите за соработка и временската рамка за изградба на гасен интерконектор помеѓу двете земји. Тоа, според Битиќи, е еден од нашите клучни проекти.

– Изградбата на овој интерконектор за течен гас, истакна вицепремиерот, ќе отвори многу можности за нашата земја, со кои ќе имаме шанса да се позиционираме како регионален хаб за снабдување со гас на земјите во регионот на Југоисточна Европа, а за нашата национална економија ќе обезбедиме диверзифициран извори на енергенси и ќе ја поттикнеме конкурентноста. Покрај инвестициите во интерконекторот со Грција, планираме и поврзување со Косово, Србија и Албанија. Ова ќе го отвори хоризонтот за подобрување на регионалната соработка и конкурентноста на заедничкиот регионален пазар – нагласи Битиќи.

Додаде дека на овој начин сите заедно покажуваме дека инвестирањето денес во побезбедно, конкурентно, поевтино и поеколошко снабдување со енергија ќе значи инвестирање во нашата иднина.

– Покрај овој интерконетор за гас со Грција, веќе потпишавме договор за соработка за изградба на гасниот терминал во Александрополи, каде што Северна Македонија ќе поседува 10 отсто од акциите на терминалот. Исто така, учествуваме во изградбата на гасната централа во близина на Александрополи, каде што уделот на Северна Македонија е 25 отсто од вкупната вредност. Докажавме дека е можно да се соработува, дека нема непремостлива пречка, преку дијалог, меѓусебно почитување, разбирање и соработка секој предизвик има решение, за тоа се доказ овие стратешки проекти кои се важни за целиот регион и тие се поддржани од нашите партнери ЕУ и НАТО – рече Битиќи.

Тој дообјасни дека неодамна е постигната согласност дека во првиот квартал на 2022 година ќе биде воспоставен цевководот за дистрибуција на нафтени деривати помеѓу Солун и Скопје.

– Кога зборуваме за среднорочно и долгорочно планирање, оваа година Владата на Република Северна Македонија усвои еден значаен документ, тоа е интервентниот план за инвестиции (ИПИ), со кој во еден среднорочен период, до 2027 година, предвидуваме реализација на инвестиции во вредност од 8,2 милијарди евра – потенцира вицепремиерот за економски прашања.