Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши, директорите на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Дејан Павлески и на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Јован Деспотовски, и други членови, расправаа за измени во дел од Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

– Со овој Закон се уредуваат видовите, висината, условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на инвестициите на деловните субјекти кои ќе инвестираат во Република Северна Македонија и претставува шема на помош согласно прописите за контрола на државна помош – стои во соопштението од кабинетот на Битиќи.

Од таму информираат, дека со измените во Законот за финансиска поддршка на инвестиции, како мерка од петтиот пакет, ќе се олеснат условите за 245 компании кои имаат активни договори, а особено за потенцијално новите компании, кои инвестирале во 2020 година или ќе инвестираат во 2021 година, според Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

– Планираните измени и дополни се прават, за да се излезе во пресрет на стопанството и на граѓаните, со што Владата уште еднаш го покажува својот отворен и партнерски пристап во креирањето на новата развојна економија на Северна Македонија, за побрз и одржлив економски раст – велат надлежните.