Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи учествуваше на панелот „Дигитална трансформација: неопходно нарушување или конкурентска предност“, кој се одржа во рамките на Самитот во организација на „Македонија 2025“, кадешто дискутираше со амбасадорката на Обединетото Кралство во Македонија, Рејчел Галовеј и основачот на организацијата „Emerging Europe“, Ендру Вробел.

На почетокот на своето излагање, Битиќи посочи дека самото тоа што дигитализацијата се наметнува како главна тема на првиот панел на Самитот зборува за тоа колку е важен процесот на дигитализација за целокупното општество.

– Процесот на дигитализација е многу повеќе од алатка, повеќе е потреба за да можеме полесно да решаваме проблеми и да постигнеме повисоки општествени цели. Дигитализацијата е потреба за да се подигне ефикасноста и ефективноста на услугите кон граѓаните, како и на искористеноста на расположливите ресурси – рече Битиќи.

Тој нагласи дека дигитализацијата е многу важна и за демократските процеси во една земја, со нејзе се овозможува полесен пристап до податоци и поголема транспарентност на институциите во управувањето на средствата со граѓаните.

– Кога станува збор за она што е направено во дигитализација на процесите, треба да се истакне дека во 2022 година, Северна Македонија ќе стане првата земја во Југоисточна Европа која ќе воспостави дигитален асистент кој ќе ги обезбедува сите информации за државна помош достапна во нашата земја. Ние сме потполно свесни дека со ваков дигитален асистент се воспоставува поголема доверба од инвеститорите и граѓаните, се подобрува кредибилитетот и транспарентноста на институциите, тоа се се демократски процеси, кои се важни за секој еден инвеститор и за општеството генерално. Северна Македонија е „пионер“ во регионот во оваа смисла, можеби нема да биде совршено, но да се биде „пионер“, значи да се биде свесен за предизвиците кои процесот ги носи – додаде вицепремиерот.

Битиќи се осврна на една од најважните мерки која се однесува на дигитализацијата, која не чини многу средства, а може да донесе големи ефекти при распределбата на државната помош во одредени гранки.

– Со дигитализацијата ќе помогнеме точно да ги намениме средствата каде што ќе дадат ефект. Дали Владата и органите на државна управа се подготвени за дигитализација, да подготвени се, пандемијата тоа ни го покажа, кога дури и седниците на Владата се одржуваа преку видео врска, што не можеше да се замисли пред 10 години – напомена Битиќи.

Дигитализацијата е важен процес во сите сектори, но таа мора да биде значајна за постигнување на одредени цели и затоа дигитализацијата се смета како инвестиција во развојот на човечкиот потенцијал и е вградена во сите политики кои се однесуваат за поддршка на бизнис секторот, посочи Битиќи.