Одржан третиот состанок на заедничкиот економски управувачки комитет помеѓу Македонија и Германија.

Соработката помеѓу двете земји продолжува да се развива, две германски компании ги прошируваат своите инвестиции истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

– СР Германија е најважниот поединечен трговски партнер и голем поддржувач на Република Северна Македонија во евро-атлантските интеграции, со кој нашата земја има интензивна економска соработка, која од година во година е се позначителна – посочи Битиќи.

„Продолжуваме да ги негуваме односите помеѓу двете земји. За Република Северна Македонија соработката со Сојузна Република Германија и клучна и витална, од особено значење поради големиот број на остварени соработки низ годините наназад, како и поради големиот волумен на трговска размена помеѓу двете земји. Веќе имаме две добри вести од две германски компании кои планираат проширување на своето производство на територијата на Република Северна Македонија, отворајќи нови работни места и допринесувајќи за економскиот раст, што е од големо значење за двете земји“, додаде вицепремиерот Битиќи.

Копретседавачот на заедничкиот управувачки комитет, номиниран од министерството за економија и енергетика на СР Германија, Хелге Толксдорф, на состанокот, ја претставил својата визија за работата на Комитетот, посочувајќи дека истиот покрива сериозни и неверојатно важни теми за двете земји, и токму затоа неговата работа треба да биде континуирана и постојана.

Од страна на германската делегација, биле изнесени одредени новитети за потенцијални нови инвестиции.

Била посочена и програмата за практична работа помеѓу двете земји, со која кандидати од нашата држава можат да се здобијат со работно искуство во германски компании и дека истото е од особено значење за концептот на дуално образование, во кое компаниите и училиштата соработуваат.