Глобалната енергетска криза и растот на цената на струјата на светските берзи ја притискаат и македонската економија, но надлежните уверуваат дека состојбите во овој сегмент се стабилни и не гледаат причини за загриженост. Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, во изјава за „Дојче веле“ информира дека потребите за струја по регулирана цена за домаќинствата се обезбедени најмалку до Нова година.

– Нема причина да се прави каква било паника. Граѓаните треба да бидат мирни оти „А.Д. Електрани“ го покрива пазарот во целост и ги обезбедува потребните количини на електрична енергија. И тоа по 36 евра за мегават час во услови кога цената на светските берзи е 140 или 150 евра. Обезбедени сме до Нова година. Но и потоа ќе имаме тендер и А.Д. ЕСМ повторно ќе има понуда. Не мислам дека може да се очекуваат промени. Така што засега не гледам причини за корекции на цената на струјата која, да ве потсетам, се утврдува секогаш во јуни – истакна Бислимоски за „Дојче веле“.

Тој се осврна на случувањата на светските берзи, за кои смета дека се резултат на повеќе фактори, во кои спаѓаат и шпекулациите што влијаат и на домашниот пазар.

– Ова што се зголемуваат цените на берзите е на слободниот пазар. Во принцип никаде нема зголемување на трошоците на производство во Европа, ова е пред се шпекулативно направено. Станува збор за инцидентна ситуација. Ние се бориме да ги задржиме снабдувачите, има такви кои си ги гарантираат цените но започнавме постапка за некои од нив кои се покажаа несериозни и незаконски ги откажаа договорите. Едноставно вршиме притисок да си ги завршат обврските. Компаниите имаат проблеми, но за тоа ние како регулатори не можеме повеќе да сториме. За тој дел на потег е државата, односно Владата – нагласи Бислимоски.