Дополнување на Одобрението за градба со поле во кое задолжително ќе биде наведено точно на што ќе се грее секој нов објект што ќе се гради, беше клучната тема на состанокот меѓу претставниците на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија. Соговорниците се осврнаа и на посеопфатно решение за предизвикот со затоплување преку мапирањето на градот.
– Неопходно е точно да се знае секој нов објект на што ќе се грее за да се обезбедат предвидливост, сигурност и стабилност во испораката на енергенти. Oператорите на дистрибутивната мрежа да знаат точно каде да ги зајакнат инвестициите во мрежата за да ги сведат на минимум можните дефекти и да нема испади од системот.

Приоритет ни е домаќинствата да добијат еколошки, економичен, ефикасен енергент, односно природен гас, а мотивот е на ефикасен и економичен начин да ги искористиме ресурсите со кои располагаме како држава за да се реши греењето на граѓаните. На овој начин ќе имаме однапред мапираните реони каде и на кој енергент ќе се загреваат домовите и објектите. Во местата каде што има организиран систем на греење, новите градби ќе се приклучат кон овој систем, а доколку инвеститорот покаже дека има поефикасен систем, не е спорно тоа решение да го реализира што го дозволува и Законот за енергетска ефикасност во согласност со европските директиви – посочи Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.
Во изминатиот период, РКЕ донесе одлука со која за 37 отсто се намалува надоместокот за приклучување на системот за дистрибуција на топлинска енергија за да се поттикне новоизградени објекти да се приклучуваат кон системот за дистрибуција на топлинска енергија.

Претседателот на здружението, Андреа Серафимовски, рече дека нивната цел е да се подобрат условите за работа на компаниите, но и дека имаат општествена обврска да обезбедат вистински продукт за населението.
– Со Регулаторната комисија разговаравме за Законот за градба и импликациите на греењето, односно сѐ што е потребно крајниот корисник да се чувствува задоволен, а државата да воспостави ред при изготвување на одобренијата за градба. Нашата теза е дека не локацијата, туку квалитетот треба да биде приоритет при купување станбени единици и други недвижности – рече Серафимовски.