Усогласувањето на царинските стапки со стапките на ЕУ ќе доведе до јакнење на конкурентноста на домашната индустрија, зголемени инвестиции од страна на компаниите, а со тоа и нови вработувања. Ова беше посочено на состанокoт во Министерството за финансии, на кој присуствуваа министерот за финансии Фатмир Бесими, заменик-претседателот на Владата, Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арианит Хоџа и претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, Сојузот на стопански комори на Македонија, Стопанската комора на северозападна Македонија, МАСИТ, МАТТО, како и претставници на „АмЧам Северна Македонија“.
Усогласувањето на царинските стапки е барање на стопанствениците во насока на хармонизација на царинските стапки на одредени тарифни броеви со стапките на Европската Унија. На состанокот беше претставена анализата што ги опфаќа сите доставени барања за измена на царинските стапки на тарифните броеви од страна на сите стопански комори и ефектот врз македонската економија.

Принципите врз кои се заснова и е работена анализата се заштитата на домашното производство и хармонизација на царинските стапки со стапките на ЕУ, која треба да придонесе јакнење на конкурентноста на домашната индустрија, создавање поатрактивни услови за странските инвеститори, како и поинтензивно вклучување во глобалните синџири на снабдување, односно создавање додадена вредност.
Од Владата велат дека од бизнис-заедницата добиле предлози, кои понатаму ќе бидат разгледaни, и она што е во насока на помош и поддршка ќе биде прифатено.
Креирање поволно деловно опкружување преку системско редефинирање на царинскиот тарифник, намалување на други парафискални давачки и даночно олеснување и одложување на неколку јавни давачки беа предвидени и во петтиот пакет антикризни мерки, а што беа и барања од стопанствениците.
Мерките се дизајнирани за директна поддршка на стопанството и компаниите, а со тоа и поддршка на граѓаните со подобрување на животниот стандард и работните услови.