Жените во Европа сѐ уште се платени помалку од мажите

Низ Европската Унија жените се платени за 16 отсто помалку од мажите, покажуваат најновите истражувања. Разликата во просечните плати меѓу мажите и жените во Европската Унија значи дека од 4 ноември до крајот на годината жените ќе работат бесплатно, предупреди Европската комисија. Таканаречената рамноправност во платите служи за да се укаже на фактот дека жените и понатаму се платени помалку од мажите на истите работни места. Сепак, бројките годинава се за 0,2 проценти помали во однос на претходната година.
– Пред 60 години принципите за рамноправноста на платите беа впишани во европските договори и сѐ уште жените низ Европа не гледаат усогласеност на секојдневниот живот со законите. Иако направивме некои чекори во вистински правец во изминатите пет години, мора да се направи повеќе и што побрзо. Нашите граѓани од нас очекуваат да се потрудиме повеќе – се вели во соопштението од Европската комисија.
Новоименуваната претседателка на комисијата, Урсула фон дер Лејен, која ќе биде првата жена на чело на Владата на ЕУ, вети закон за транспарентност на платите во првите сто дена од својот мандат.
Паралелно со воведувањето нови правила, кои на мажите и на жените во ЕУ им препорачуваат рамноправна поделба на одговорностите за одгледување деца, се смета дека треба да се искорени јазот во платите меѓу половите.


Си Џинпинг: Трговските бариери мора да бидат отстранети

Пречките во глобалната трговија мора да бидат отстранети, а земјите треба да ги поддржат основните мултилатерални начела додека цврсто му се спротивставуваат на протекционизмот, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг. На отворањето на кинескиот меѓународен увозен саем во Шангај, Џинпинг оцени дека тоа мора да биде направено за да се поттикне меѓународната соработка и да се отстранат пречките за инвеститорите. Тој повторно вети дека ќе продолжи отворањето на кинеската економија и на пазарите, како и јакнење на правото за заштита на интелектуална сопственост.
– Мораме да се здружиме, наместо едни на други да го префрлуваме проблемот за решавање. Мора да ги урнеме ѕидовите, а не да ги креваме. Мора цврсто да застанеме против протекционизмот и унилатерализмот. Мора постојано да ги уриваме трговските бариери, да ја оптимизираме глобалната вредност и синџирот на снабдување, и заеднички да ги поттикнуваме барањата на пазарот – оцени кинескиот претседател.
Неговата изјава доаѓа во период кога американските и кинеските преговарачи работат на финализирање на текстот за првата фаза од договорот, кој кон крајот на месецот се очекува да го потпишат САД и Кина. Со тој договор би се намалиле тензиите од речиси 16-месечната трговска војна, која ѝ наштети на глобалната економија.