Австрија се противи на американските санкции за „Северен тек 2“

Австрискиот амбасадор во Русија, Јоханес Аигнер, изјави дека Австрија се противи на американските санкции кон компаниите што го градат гасоводот „Северен тек 2“ и изрази надеж дека изградбата ќе се доврши без оглед на американските рестриктивни мерки.
– Австрија го поддржува проектот „Северен тек 2“ бидејќи го смета за важен за посигурно и поефикасно снабдување со гас, а со самото тоа и за енергетската сигурност на Европа. Тргаме од претпоставката дека тој ќе биде довршен, без оглед на американските санкции – рече Аигнер.
Тој напомена дека од позиција на Австрија, проектот ќе ја подобри енергетската сигурност за сите европски земји, во што Русија како доставувач има многу важна улога. Во изградбата на „Северен тек 2“ учествува австриската компанија ОМВ. Проектот „Северен тек 2“ вклучува полагање две цевки со вкупен капацитет од 55 милијарди кубни метри гас годишно од рускиот брег преку Балтичко Море до Германија.
Проектот го предводи компанијата „Норд стрим 2“ со еден акционер, руски „Газпром“. Партнери од европските земји се британско-холандската компанија „Ројал дач шел“, австриски ОМВ, француски „Енжи“ и германските „Унипер“ и „Винтершал“, кои заеднички го финансираат проектот со 50 отсто, односно до 950 милиони евра секоја компанија. Другата половина од средствата, поточно 4,75 милијарди евра, обезбедува „Газпром“.