Рекордна година за морските ветерни електроцентрали

Минатата година беше поставен рекорд во воведување во работа на новите ветерни електроцентрали на море, со вкупно 5,2 гигавати, со нови моќни постројки, кои започнаа со работа на глобално ниво, се наведува во извештајот на организацијата „Ворлд форум офшор винд“.
Инсталираната сила во 2019 година е поголема за 24 отсто во однос на 2018 година. Кон крајот на минатата година, вкупната моќност на светските офшор ветерни електроцентрали изнесувала 27,2 гигавати.
Минатата година во Кина, Велика Британија, Данска, Германија, Белгија и Тајван со работа почнале 16 нови морски ветропаркови. Велика Британија го задржа приматот со 9,7 гигавати инсталирана моќност, следува Германија со 7,5 гигавати. Зад нив е Кина, која благодарение на брзорастечката индустрија до крајот на годината стигна до 4,9 гигавати инсталирана моќност.

Глобалната побарувачка за ЛНГ ќе биде удвоена до 2040 година

Глобалната побарувачка за течен природен гас (ЛНГ) би требало да се удвои до 2040 година на 700 милиони тони, бидејќи гасот континуирано ќе ја игра клучната улога во нискојаглеродниот енергетски систем, покажа истражувањето на нафтената компанија „Ројал дач шел“. Глобалната побарувачка за ЛНГ во 2019 година пораснала за 12,5 отсто, на 359 милиони тони. Се очекува Азија да остане доминантен регион во децениите што доаѓаат, при што Јужна и Југоисточна Азија ќе генерираат повеќе од половина од зголемената побарувачка, се наведува во годишните прогнози на компанијата. Со согорувањето на природниот гас во атмосферата, во споредба со јагленот, се емитува од 45 до 55 отсто помалку стакленички гасови. Увозот во Европа е зголемен за 74 отсто, бидејќи гасот беше поприфатлив од јагленот за погонско гориво во секторот за производство на електрична енергија. Цените на ЛНГ на глобалниот пазар оваа зима паднаа на рекордно ниско ниво, бидејќи имаше помала побарувачка поради благата зима и епидемијата на коронавирусот во Кина, додека понудата беше многу богата.

Понудата на „Гугл“ до „Фитбит“ потенцијална закана за приватноста на корисниците

Понудата на „Гугл“ за преземање на производителот на уреди за следење на физичката кондиција „Фитбит“ би можела да ја загрози приватноста на нивните корисници, предупреди Европскиот комитет за заштита на податоците.
„Гугл“ во ноември минатата година понуди 2,1 милијарди долари за „Фитбит“ за поуспешно да им конкурира на „Епл“ и на „Самсунг“ на заситениот пазар на уреди за следење на физичката кондиција и паметни часовници.
Уредите на „Фитбит“ ги мерат бројот на чекори, согорените калории и поминатото растојание и би можеле на „Гугл“ да му овозможат увид во редица податоци за здравствената состојба на корисниците.
– Пристапот кон таквиот вид податоци предизвикува загриженост – предупреди европскиот регулатор.