Почнува осмиот самит на „Македонија 2025“

Иднината на работните места и вештините и иновациите што можат да помогнат за намалување на загадувањето на воздухот, се главни теми на кои во наредните три дена во Скопје ќе дебатираат 50 говорници на осмиот самит „Македонија 2025“, на кој се најавени 400 учесници од државава и од странство. Инвестициите, иновациите, образованието, деловното опкружување, животната средина и корупцијата се области што треба да се подобрат за поголем економски раст и за нив ќе се зборува на самитот.


Арсовска за директната поддршка за приватниот сектор

Нејасно е врз кои параметри е базиран проектираниот раст од 3,8 отсто идната година, со оглед на тоа што влегуваме во изборна година и во првите 6 месеци сѐ ќе биде во застој поради неизвесноста, доколку се одржат изборите во април 2020 година, пишува претседателката на Сојузот на Стопански комори на Македонија Данела Арсовска.
– Од друга страна, трпат капиталните инвестиции, поле на кое се потфрли изминатата година, имајќи предвид дека имаме стратегиска заложба за инфраструктурно поврзување на Македонија за побрз проток, кое треба да остане во приоритетите, но и дека на овој начин се стимулира работата на над 20 стопански гранки. Финално, финансирање трошења што нема да стимулираат раст на продуктивноста и подобрување на условите за работа на субјектите во приватниот сектор, кој е двигател на економијата, е тешка одлука за која креаторите на буџетот ќе имаат одговорност не само пред вработените во јавната администрација и пензионерите, туку и пред приватниот сектор, кој вработува 80 проценти од вкупниот број граѓани во државата. Од буџетот тежок 3,9 милијарди евра за 2020 година, 109 милиони евра или околу 3 отсто се наменети за директна поддршка на приватниот сектор – пишува Арсовска.