Доцнат автоделовите од Кина

Доколку за две недели не се пронајде начин од Кина безбедно и во рок да се добијат автоделови, многу производители, кои таму купуваат делови, ќе бидат принудени да го запрат или да го намалат производството на автомобили во Европа и во Јапонија.
Канцелариите на „Фолксваген“, БМВ, „Волво“, „Тојота“ и „Тесла“ ја продолжија паузата во своите производствени погони во Кина. Фабричките ленти стојат и во групацијата „Пежо ситроен“, а многу бродови натоварени со автоделови за Европа сè уште не ги напуштаат кинеските пристаништа.
Вкупната штета веќе се мери со стотици милиони евра, а кинеската влада вети дека ќе даде и материјална помош за стабилизирање на ситуацијата.
Многумина се прашуваат што ќе се случи со испораката на автомобили, кои единствено во Кина се прават за целиот свет.
Засега нема одговори на овие прашања, а оние што веќе купиле автомобил ќе мора да ги почекаат своите возила во Европа и еден месец до два подолго од најавениот рок, велат германските аналитичари.

Над сто мали компании ќе го изработуваат првиот турски автомобил

Турски ТОГГ планира да потпише договори со 114 компании, кои ќе бидат нивни доставувачи во процесот за производство на првиот турски електричен автомобил. Во меѓувреме, околу 400 мали и средни претпријатија разговараат со ТОГГ да станат потенцијални доставувачи, кога ќе започне масовното производство на првиот домашен електричен автомобил во 2022 година.
Како што пишува турскиот весник „Дејли Сабах“, Здружението на автомобилски доставувачи на Турција веќе воспостави синџир на доставувачи од 25 компании, кои во моментот учествуваат во производството на автомобили.
Според процените, производството на домашен автомобил ќе креира пазар вреден 18 милијарди турски лири (три милијарди американски долари) за малите и за средните претпријатија во периодот меѓу 2022 и 2032 година.

Намалена глобалната емисија на јаглерод диоксид

Глобалната емисија на јаглерод диоксид од енергетскиот сектор е намалена во 2019 година на 33 гигатони по двогодишен раст, наспроти предвидувањата дека ќе продолжи да се зголемува поради експанзијата на светската економија, објави Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА).
Растот на обновливите извори на енергија и преодот од јаглен на природен гас доведе до помали емисии од развиените економии, пренесува „Ројтерс“.
Благите временски услови во неколку земји и забавениот економски раст на некои пазари во подем, исто така, придонесоа за пониската емисија на јаглерод диоксид, додава ИЕА.