„Гугл“ првпат открива колкав приход остварува „Јутјуб“

„Јутјуб“ во последните три месеца остварил приходи од огласи од речиси пет милијарди американски долари, открива „Гугл“. Информациите се објавени во рамките на четвртиот квартален извештај на „Алфабет“, односно првиот квартален извештај откако Сундар Пичај ја презеде должноста извршен директор на компанијата.
„Гугл“ го купи „Јутјуб“ во 2006 година за 1,65 милијарда долари. Минатата година оствариле добивка од 15 милијарди долари и придонеле за речиси 10 отсто од сите приходи на „Гугл“. Од компанијата истакнаа дека „Јутјуб“ има повеќе од 20 милиони претплатници преку своите некомерцијални понуди, како и повеќе од два милиона претплатници на услугата со платена телевизија.
„Алфабет“ вели дека приходите од тие производи се во категоријата „преостанато“, која во последното тримесечје заработила 5,3 милијарди долари.

Македонија осма во светот според одливот на мозоци

Одливот на мозоци е честа тема во земјите во развој, бидејќи предизвикува страв дека земјата ќе остане без висококвалитетен човечки капитал.
Британскиот весник „Економист“ објави графикон со податоци за одливот на мозоци, а според податоците од последниот извештај за глобална компетитивност, на ранг-листата со бодување од 1- сите талентирани луѓе ја напуштаат својата земја, до 7 – талентираните луѓе остануваат во својата земја, Македонија е на осмо место.
Прво е Хаити, потоа следуваат Венецуела, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија, Јемен, Молдавија, Македонија, Бенин и Србија.
Некои економисти оценуваат дека ваквиот тренд ги остава земјите во развој без оние луѓе што им се потребни за да се извлечат од сиромаштијата. Друга струја смета дека стравот е неоправдан, бидејќи парите што емигрантите ги испраќаат до семејствата во татковината и новите вештини што ги донесуваат оние што се враќаат ја надминуваат штетата за матичната земја од нивното иселување.

Хрватска меѓу шесте земји на ЕУ во кои платата се намалила

Хрватска е меѓу шесте земји од Европската Унија во кои работниците во просек се платени помалку за разлика од пред десет години, покажаа резултатите на Институтот на европските синдикати (ЕТУИ).
Во периодот од 2010 до 2019 година во Хрватска просечните пакети плати приспособени на инфлацијата, вклучувајќи ги и придонесите за социјално осигурување и надоместоците за плата, се намалиле за пет отсто.
Новите резултати на ЕТУИ покажале дека просечните пакети плати се намалиле и во Италија за два отсто, во Шпанија и Португалија за по четири отсто, на Кипар за седум отсто и во Грција за 15 отсто.