Цените на нафтата паѓаат четврта недела едноподруго

Цените на нафтата на светските берзи паднаа минатата недела за повеќе од четири отсто, како последица од стравувањата на инвеститорите од економските последици поради ширењето на коронавирусот и надвор од Кина. Падот на цените на нафтата се случува четврта недела едноподруго.
На лондонската берза цената на барелот минатата недела падна за 4,2 отсто, на 58,16 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтине за 4,8 отсто на 51,56 долари.
Остриот пад на цените е последица на ширењето на коронавирусот во Кина.

И Швајцарците во сè поголем број ја напуштаат земјата

Емиграцијата на населението во голем број не е случај само во земјите од Источна и Југоисточна Европа, туку ги погодува и богатите држави, како Швајцарија. Сè повеќе Швајцарци одлучуваат среќата да ја бараат во странство, при што Франција, Германија и САД, но и Австралија и Тајланд им се омилени дестинации за живот.
Последните години бројот на Швајцарци што ја напуштиле земјата значително пораснал. Истовремено, сè помалку од оние што ја напуштиле земјата се враќаат.
Според статистичките податоци, во 2017 и 2018 година околу 32.000 Швајцарци се иселиле, а 24.000 се вратиле во земјата.
Понатаму, статистиката покажува дека околу 36 отсто од емигрантите од Швајцарија се на возраст меѓу 20 и 35 години, што е потврда дека сè повеќе млади ги пакуваат куферите и ја напуштаат богатата, но скапа Швајцарија.

Во Хрватска годинава би можеле да работат до сто илјади странци

Оваа година вработеноста во Хрватска би можела да се приближи до нивото што го имаше во преткризната 2008 година, кога во земјата работеле, односно плаќале пензиски придонеси 1,6 милион граѓани, пишува „Вечерњи лист“.
Понудата на работни места по правило е најсиромашна во зимските месеци, но пазарот почнува да се буди веќе во февруари кога започнува засилената побарувачка за работници во земјоделството, градежништвото и туризмот.
На државната берза во моментот се огласени околу 19 илјади слободни работни места, а метеж има вo полицискиот сектор за странци, каде што во јануари се примени околу 4.500 барања за издавање работни дозволи, наведува весникот.
Најмногу барања стигнале за работа во градежниот сектор, околу 3.000, додека за работа во туристичкиот сектор пристигнале околу 700 молби. Во Хрватска оваа година би можело да работат околу стотина илјади странци. Сè поголем број работници пристигнуваат и од Азија.