ЕК ги претстави мерките за безбедност на 5Г-мрежата

Европската комисија вчера ја презентира „кутијата на алатки“, односно мерките што се потребни за да се обезбеди сигурна 5Г-мрежа во Европската Унија и да се намалат потенцијалните ризици.
Алатките што ги нуди Европската комисија се изработени врз основа на забелешките и процените за ризици на самите земји-членки на Европската Унија. ЕК повикува клучните мерки да се спроведат до 30 април оваа година.
– Можеме да направиме големи работи со 5Г. Технологијата поддржува персонализирана медицина, прецизни земјоделски и електрични мрежи, кои можат да интегрираат секаков вид обновлива енергија. Ова ќе направи голема разлика, но само ако нашите мрежи бидат безбедни. Само тогаш дигиталните промени ќе бидат од корист за сите граѓани – изјави потпретседателката на Европската комисија Маргарет Вестагер.
Европската комисија инсистира дека алатките што се презентираат се важни за земјите-членки за да се координираат одблизу во имплементирањето на 5Г-технологијата. Се проценува дека оваа технологија би требало да генерира околу 225 милијарди евра профит низ ЕУ и е од клучна важност за конкурентноста на Унијата на глобалната сцена, но граѓаните на ЕУ, како и владите се загрижени за безбедноста, особено со оглед на тоа дека највисок степен на развој во оваа технологија има кинеската компанија „Хуавеи“.


Швеѓаните најмногу користат интернет, Бугарите најмалку

Интернетот во 2019 година го користеле 87 отсто од граѓаните на ЕУ на возраст меѓу 16 и 74 години. Најмногу бил користен во Шведска, 98 отсто, а најмалку во Бугарија, 68 отсто, објави Евростат.
Граѓаните на ЕУ најмногу користат интернет за сервисите на електронска пошта, следува информирањето околу стоките и услугите, испраќањето кратки пораки, читање онлајн-весници и магазини, а секој петти корисник преку интернет продава стоки и услуги.
За учество на социјалните мрежи, интернет користат 57 отсто од граѓаните на ЕУ, а следува пребарувањето на информации поврзани со здравјето, слушање музика, телефонирање и видеоповици.
За онлајн-учење е заинтересиран речиси секој четврти корисник на интернет во ЕУ, додека 30 отсто на мрежата се корисниците што поставуваат и споделуваат содржини што самите ги креирале.