ЕК планира да ги укине кованите пари од еден и од два цента

Европската комисија планира укинување на кованите пари од еден и два евроцента, пишува германскиот весник „Зидојче цајтунг“. Весникот наведува дека Европската комисија ќе ја претстави програмата за работа, која содржи предлог за правило за единствено заокружување, за укинување на најмалите ковани пари.
Германскиот весник укажува на извештајот на Европската комисија од 2008 година, според кој, сè повеќе држави од еврозоната преминале на заокружување на цените на пет центи. Со укинувањето на кованите пари од еден и од два цента, би се заштедило на трошоците за производство, но и на нивното броење и транспорт, се вели во извештајот.

Европските туроператори ги откажуваат патувањата во Кина

Одделни европски туроператори ги откажуваат патувањата во Кина, нудејќи поврат на уплатените пари на клиентите поради загриженоста околу ширењето на новиот коронавирус, од кој досега починаа над 100 луѓе, а повеќе од 4.500 се заразени.
Чекорите за ограничување на патувањата во Кина следуваат откако официјален Пекинг ги продолжи новогодишните празници, а некои од компаниите ги затворија канцелариите, препорачувајќи му на персоналот да работи од дома за да се намали процентот на зараза за време на најфреквентниот период во земјата.
Германската патничка интернет-агенција „Студиосус“, која нуди 20-дневни патувања во Кина, на својата страница објави дека ги откажува патувањата во оваа земја до средината на април. Клиентите чии патувања започнуваат пред 31 мај, можат да го променат датумот или да го откажат патувањето.
Здружението што ги претставува француските туристички агенции препорача да не се патува во Кина барем до 21 февруари, а и руските туроператори прекинаа со продажба на аранжмани за Кина.