Британија со монета го обележи напуштањето на ЕУ

Британија претстави нова кованица, монета од 50 пени, со која се обележува напуштањето на Европската Унија (ЕУ).
– Напуштањето на ЕУ претставува пресвртница во нашата историја и оваа монета претставува почеток на едно ново поглавје за Британија – рече министерот за финансии Саид Јавид.
На парата е испишано „Мир, просперитет и пријателство со сите земји“, како и датумот на брегзит, 31 јануари 2020 година.
Околу три милиони монети ќе бидат дистрибуирани од банките во поштите и во продавниците, почнувајќи од петок, 31 јануари, додека уште седум милиони ќе бидат пуштени во текот на годината.
По повеќе од три години жестока дебата и дилеми кога и дали да се спроведе брегзит, Британија ја напушта ЕУ на 31 јануари оваа година.

Богаташите почнаа да ги повлекуваат парите од швајцарските банки

Швајцарските приватни банкари велат дека некои клиенти барале од нив да повлечат големи количества готовина од банките, за да може самите да ги чуваат парите во приватни сефови, без оглед на репутацијата на земјата како безбедна и доверлива во финансискиот сектор. Оцените се дека овој потег е последица на негативните каматни стапки што веќе пет години ги има во Швајцарија.
Политиката, чија цел беше да го спречи јакнењето на швајцарскиот франк, им налагаше на банките да ѝ плаќаат надомест на Швајцарската национална банка, па во некои случаи банките некои од тие дополнителни трошоци ги префрлија врз своите најважни клиенти, пренесува Си-ен-ен.
Таквата политика се покажа како непопуларна кај клиентите, кои се навикнати да заработуваат од каматите на своите депозити и сега бараат начини како да го избегнат плаќањето на тие трошоци.

Хрватска од обновливи извори добива речиси третина од енергијата

Уделот на обновливите извори во вкупната потрошувачка на енергија во Хрватска во 2018 година изнесувал 28 отсто, покажуваат податоците на Евростат, со што оваа земја спаѓа меѓу земјите во ЕУ што го надминале пропишаното ниво за 2020 година.
Поставената цел за Хрватска беше 20 отсто, но уште во 2004 година таа изнесуваше 23,4 отсто, пишува хрватскиот портал „Новац“.
Како што се појаснува, уделот на обновливите извори во вкупната потрошувачка е утврден за секоја земја-членка на ЕУ посебно, при што се водело сметка за различните стартни позиции, потенцијалите на подрачјето на обновливите извори, како и за економските резултати.
Во случајот на Хрватска, поставената цел очигледно била пониска од стартната позиција, констатира порталот.