Истекува рокот за исплата на К15

Исплатата на регресот за годишен одмор воспоставена со Општиот колективен договор (ОКД) за приватниот сектор од областа на стопанството е задолжителна и работодавците треба да ја реализираат до крајот на годината, посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
– Во согласност со членот 35 од ОКД регресот за годишен одмор се исплатува во висина од најмалку 40 проценти од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавец. Основицата е просечната месечна нето-плата по работник исплатена во последните три месеци – се наведува во соопштението.
Регресот се исплатува еднаш во годината, а кај работодавците кај кои настанале тешкотии во работењето, по задолжителна консултација со синдикатот на ниво на гранка, со спогодба меѓу работодавецот и репрезентативната синдикална организација, регресот може да е во помал износ.
– За работодавци што не исплаќаат регрес или бараат од работниците да ги вратат исплатените средства по оваа основа, Кривичниот закон предвидува затворската казна до една година. На работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор им укажуваме дека можат да побараат интервенција од Државниот инспекторат за труд, или да поведат судска постапка за заштита на своите права – се додава во соопштението.


Неопходно е да заживее планското производство

Според оцената на Сојуз на синдикати на земјоделци од Струмица, во споредба со повеќе години, годинашната била една од подобрите, така што, според нив, потребно е конечно да заживее планското производство.
– Имаше одредени осцилации во откупот на доматите, но вкупно земено е добро. Треба уште да се работи за да се подобрат состојбите, но, во секој случај, сметам дека земјоделците треба да се задоволни – кажа Ристо Велков, претседател на Сојузот на синдикат на земјоделци.
И земјоделецот Коце Божиков од селото Дабиле смета оти годинава е една од најдобрите, бидејќи откупните цени на голем дел од земјоделските производи биле задоволителни.
Драги Памуков, земјоделец од селото Куклиш, смета дека сезоната што изминува може да се оцени како позитивна, но имало и негативни периоди.
– Кога има поголемо производство од побарувачката, цените паѓаат, и за овие периоди треба да има решенија. Исто така, беше лошо кога имаше увоз на домати од Албанија. Сметам дека треба конечно да заживее планското производство – додава Памуков.
Годинава градинарските култури од струмичкиот регион се извезуваа на пазарите во Хрватска, Србија, Романија, Бугарија, Грција, а, покрај странците, големи количества откупија и домашните фабрики.