Норвешка чекори кон целосна електрификација на патниот сообраќај

Продажбата на нови електрични автомобили во Норвешка лани пораснала за 31 отсто, па аналитичарите очекуваат оваа нордиска земја набргу целосно да го електрифицира возниот парк. Eлектричните автомобили сочинуваа 42,4 отсто од ланската продажба во Норвешка, што претставува глобален рекорд.
Сакајќи да стане првата земја што до 2025 година ќе заврши со продажбата на автомобили на фосилни горива, Норвешка ги ослободува сопствениците на електрични возила од данокот што се наметнува за автомобилите на погон на бензин и на дизел.
Оваа година шест од 10 нови автомобили продадени во таа земја би можеле во целост да бидат електрични, најави Харалд А. Милер од „Фолксваген“, компанија што се подготвува да лансира неколку електрични модели во 2020 година.
– Електрификацијата на автомобилскиот пазар се забрзува. Предвидено е електричните возила во 2025 година во Норвешка да имаат 100-отстотен пазарен удел – рече Милер.

Данска речиси половина од електричната енергија ја произвела од ветроцентрали

Данска минатата година речиси половина од потребната електрична енергија ја произвела од ветер, објави мрежниот оператор „Енерџинет“.
Енергијата произведена во ветроцентралите во 2019 година сочинувала 47 отсто од користената електрична енергија во Данска.
Станува збор за нов рекорд за оваа земја и важен чекор во остварувањето на една од најамбициозните климатски цели на светот.