Аргентина со итни мерки за запирање на економската криза

Аргентинската влада на левиот центар одобри пакет итни мерки, кои би требало да ја извлечат земјата од најлошата економска криза во последните 18 години. Аргентина е во рецесија, која пред 18 месеци ја поттикна колапсот на пезосот.
Се очекува економијата оваа година да падне за 3,1 отсто. Инфлацијата изнесува околу 55 отсто, а невработеноста се доближи до нивото од 10,5 отсто.

Американските регулатори поведоа постапка против БМВ

Американската комисија за хартии од вредност и берзи поведе истрага против германскиот производител на луксузни автомобили БМВ, поради сомнителни продажни практики со кои се нагодуваат податоците за бројот на продадени автомобили. Според наводите на „Вол стрит журнал“, комисијата ги проверува комерцијалните практики на БМВ во САД за да утврди дали компанијата се обидува со помош на овластените трговци да ги „разубави“ податоците за бројот на продадени автомобили.
Американските регулатори се сомневаат дека БМВ со помош на трговците ги надувал податоците за продажба. Трговците понекогаш купуваат возила од сопствените резерви и ги користат и за позајмување. Производителите често им нудат бонуси за таквото купување за да ги подобрат бројките за продадени автомобили.

Народна банка ќе објавува детали за плаќањето со картички

Народната банка почна со објавување податоци од доменот на картичното работење. Станува збор за податоци поврзани со трансакциите во странство со платежните картички издадени од домашни издавачи и со трансакциите во земјата со платежните картички издадени од странски издавачи. Ќе се објавуваат и надоместоците, кои банките и другите даватели на платежни услуги ги наплатуваат од трговците за плаќање со картички.
Во новите прегледи, за секоја поединечна земја ќе бидат објавени податоци за бројот и вредноста на плаќањата, дали се извршени на банкомати, на уреди на физички места на продажба (пос-терминали) или на виртуелни места на продажба.

MEMO се поврза со европската асоцијацијата на европски берзи на електрична енергија

Националниот оператор на пазарот на електрична енергија (МЕМО) стана 29-от асоцијативен член на европската асоцијација „Јуропекс“. Со членството доби право да учествува во сите работни групи на оваа непрофитна организација.
МЕМО, во согласност со законот за енергетика, управува со пазарот на електрична енергија во Македонија, кој започна со работа на први октомври и е во целосна сопственост на АД МЕПСО.
МЕМО е активно вклучен во процесите за интеграција на пазарите на електрична енергија во регионот на Западен Балкан. Во тек е проект за назначување oператор на организираниот пазар на електрична енергија во корелација со Регулаторната комисија за енергетика, по чие завршување МЕМО треба да добие овластување да воспостави берза на електрична енергија во Македонија и таа да се поврзе со берзите од соседните држави.