Најголем дел од електричната енергија од домашно производство

Државниот завод за статистика објави дека во октомври 2019 година вкупната потрошувачка по видови енергенти изнесува: 570.138 мегават-часа електрична енергија, 20.245 милиони нормални кубни метри природен гас, 430.426 тони јаглен и 96.232 тони нафтени продукти. Притоа е посочено дека бруто-домашното производство на електрична енергија учествува со 68,1 отсто во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија, додека 92,6 проценти од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.

Бектеши: До петок пари за вградени плински уреди

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека најдоцна до утре, на над 750 граѓани на сметките ќе им легнат парите за вградени плински уреди во возилата.
– Рокот за јавниот повик е завршен, а до крајот на неделава, односно до петок, на сите што аплицирале и ги исполниле условите ќе им бидат исплатени парите од субвенциите – кажа Бектеши и дополни дека, според податоците што му се доставени од секторот, субвенции ќе им се доделат на над 750 граѓани. За субвенционирање за вградување уред за погон на ТНГ, метан или друг вид алтернативно гориво во возилата се субвенционира 50 отсто од цената на трошоците за набавка и вградување на уредот, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност

Расте прометот од продажба на услуги

Според податоците на Државниот завод за статистика, прометот од продажбата на услугите во третото тримесечје од 2019 година е повисок отколку во третото тримесечје од 2018 за 2,9 отсто. Во третото тримесечје од 2019 година, најголем пораст на прометот во услугите во однос на третото тримесечје од 2018 година има кај услугите поврзани со одржување згради и дејностите за уредување и одржување на животната средина и природата и тоа за 16,1 проценти, и кај дејностите за изнајмување и давање под закуп/лизинг за 12,2 отсто. Најголемо намалување, од 14,4 проценти, е забележано во дејноста емитување програма.