Норвешки „Еквинор“ и руски „Роснефт“ со заедничка инвестиција во Сибир

Руската нафтена компанија „Роснефт“ и норвешки „Еквинор“ ги договорија деталите за развојот на нафтено поле во Сибир, прва заедничка инвестиција од склучувањето на стратегиското партнерство во 2012 година. Компаниите очекуваат во првата етапа од развојот на нафтеното поле Северо-Комсомолскоје да извадат околу 250 милиони барели нафта и 23 милијарди кубни метри гас, објави „Еквинор“, не наведувајќи ја вредноста на инвестицијата. „Роснефт“ има 66,67-процентен удел во проектот „СевКомНефтгас“, а „Еквинор“ остатокот плус лиценцата.

Шведски инвестициски фонд ќе вложува во компании фокусирани на подобро општество

Инвестицискиот разгранок на шведската фондација „Норскен“ собра 61 милион евра од планираните 100 за нов инвестициски фонд, чија задача би била поврзување на еколошките и општествено полезните бизнис-проекти со финансиска полза за инвеститорите. Од фондацијата „Норскен“ беше објавено дека меѓу главните инвеститори е семејството Персон, основачи на синџирот продавници за облека „Ејч енд ем“, како и основачите на шведските технолошки компании „Кинг“ и „Моџанг“, но и шведскиот државен фонд „Саминвест“.

„Тесла“ со пари од кинески банки ќе гради фабрика во Шангај

Американскиот производител на електрични возила „Тесла“ постигна договор со група кинески банки за заем од 10 милијарди јуани (1,08 милијарда американски долари), со рок на отплата од пет години за фабриката во Шангај. Меѓу кинеските банки што се согласија финансиски да го поддржат „Тесла“ е Кинеската градежна банка, Кинеската земјоделска банка, Кинеската индустриска и комерцијална банка, како и Шангајската развојна банка. На почетокот на годината кинеските кредитори веќе ѝ понудија на „Тесла“ дванаесетмесечен заем во висина до 3,5 милијарди јуани, кој би требало да биде отплатен до 4 март следната година. Дел од новиот заем американската компанија ќе го употреби за отплата на тој кредит, додека остатокот ќе биде искористен за фабриката на „Тесла“ во Шангај и за работењето во Кина, наведуваат анонимни извори од компанијата.

Пониски камати го поттикнаа наталитетот во Британија

Намалувањето на клучните каматни стапки не ја поттикнува само економијата туку и наталитетот, истакнуваат истражувачите од британската централна банка, наведувајќи го податокот за 14.500 повеќе новороденчиња во 2019 година, по намалувањето на каматите во време кога изби светската финансиска криза. Според истражувањето, при секое намалување на клучните каматни стапки за по еден процентен бод, стапката на наталитет во семејствата што отплаќаат хипотекарни кредити со флексибилни каматни стапки растела за пет отсто. Кај таквите кредити каматите се менуваат паралелно со клучните каматни стапки. За разлика од Британија, во САД стапката на наталитет во истиот период паднала, што британските истражувачи го доведоа во врска со фактот дека од другата страна на Атлантикот преовладуваат хипотекарните кредити со фиксна камата. Како друг фактор го издвоија падот на цените на недвижностите.