Италијанскиот премиер задоволен од спојувањето на „Фијат крајслер“ и ПСА

Италијанскиот премиер Џузепе Конте изрази задоволство од планираното спојување на италијанско-американскиот автомобилски гигант „Фијат крајслер“ и француската компанија ПСА, притоа нагласувајќи дека заштитата на работните места мора да биде на прво место.
– Тоа може да биде одлична шанса за Италија и за Европа – рече Конте за дневниот весник „Ла стампа“.
Италијанскиот премиер додаде и дека очекува договорот за создавање на четвртиот по големина производител на автомобили во светот и за развој на еколошки прифатливи автомобили да помогне во интеграцијата на европската индустрија.

„Ербиенби“ изземен од европските прописи за недвижности

Највисокиот суд на Европската Унија пресуди дека американската интернет-страница за изнајмување „ Ербиенби“ е интернет-платформа, а не посредник за изнајмување недвижнини.
Случајот беше поведен пред Судот на правдата на Европската Унија по поплаките од страна на француското туристичко здружение АХТОП.
Судот ја обвини и Франција, бидејќи не ја информирала Европската комисија за барањето на „ Ербиенби“ да добие професионална лиценца за агент за недвижнини.
„ Ербиенби“ последните години се соочи со хотелиерите и градските власти од Њујорк, Амстердам, Берлин и Париз. Обвинет е дека влијае врз недостигот од станбени единици и го отежнува купувањето или најмувањето стан за луѓето со пониски примања.
За „ Ербиенби“ е важен случајот во Франција бидејќи Меѓународниот олимписки комитет одлучи да ја промовира компанијата за сместување за време на Олимписките игри во Париз во 2024 година.

„Исузу мотор“ планира да ја купи јапонската подружница на „Волво“

Јапонската компанија „Исузу мотор“ планира да ја купи „УД тракс“, јапонска подружница на шведскиот производител на товарни возила „Волво“, во рамките на стратегиското поврзување на двете компании, фокусирано на размена на технологија за електрични и високоавтоматизирани камиони.
Вредноста на „УД тракс“ кон крајот на ноември беше проценета на околу 250 милијарди јени (2,3 милијарди американски долари).
Според потпишаниот необврзувачки договор, соработката ќе вклучува партнерство на подрачјето на технологијата, особено во сегментот на електрични и високоавтоматизирани камиони.