И во декември слаб раст на економијата во еврозоната

Економијата во еврозоната расте во декември со истото слабо темпо како и во ноември, поради намалената побарувачка од странство што ја отежнува и онака тешката ситуација во индустријата и го неутрализира благото закрепнување во услужниот сектор, покажа извештајот на лондонската компанија „Маркит“.
– Веќе четири месеци економијата речиси тапка во место и вредноста на индексите упатува на процена за тримесечната стапка на раст од само 0,1 отсто – констатира Крис Вилијамсон, главен економист во „Маркит“.
Слабиот раст го одржува услужниот сектор, кој во декември покажа отпорност на забрзаниот пад на активностите во индустријата, напоменуваат од „Маркит“.

Технолошки гиганти обвинети за злоупотреба на детскиот труд во Африка

Пет водечки светски технолошки компании се обвинети дека носат дел од одговорноста за смрт и тешки повреди на децата принудени на работат во рудниците за кобалт во Африка.
Тужби пред судот во Вашингтон против „Тесла“, „Епл“, „Алфабет“, „Мајкрософт“ и „Дел технолоџис“ во име на 14 семејства од Демократска Република Конго поднесе американската непрофитна организација Меѓународни заговорници на правото.
Компаниите се дел од системот на присилна работа, кој, според тврдењата на семејствата, резултирал со смрт и тешки повреди на нивните деца, тврдат од организацијата. Ова е прв случај повеќе компании од технолошкиот сектор да се соочуваат со судска постапка поради експлоатација на кобалт.

„Опел“ се враќа во Русија

Германскиот производител на автомобили „Опел“ најави дека се враќа на рускиот пазар по четиригодишно отсуство поради избивањето на „тешката економска криза“. Вредноста на руската рубља беше преполовена во 2014 и 2015 година поради санкциите, кои западните земји ги воведоа за Русија поради анексијата на Крим и падот на цените на нафтата, главниот руски извозен производ. „Опел“ се врати во Русија на тој начин што започна со производството во погонот во градот Калуга, околу 200 километри северозападно од Москва. Компанијата на рускиот пазар ќе го понуди патничкото комбе „зафира лајф“ и спортскиот теренец „гранленд икс“.
Следните неколку години компанијата постепено ќе го шири работењето во Русија, најавуваат првите луѓе на „Опел“.