Австралија сака да ги контролира „Фејсбук“ и „Гугл“

Австралиската влада најави „пионерски“ реформи на глобално ниво, со кои има намера да ја стави под контрола пазарната моќ на дигиталните гиганти, како „Фејсбук“ и „Гугл“, и да обезбеди потранспарентен однос кон корисничките податоци.
Реформите вклучуваат измени на регулативата фокусирана на технолошките компании и формирање ново тело што ќе ги контролира нивното однесување, односот кон потрошувачите и работењето со медиумите, покажуваат владините податоци. Владата, исто така, ќе ги анализира законите за заштита на личните податоци со фокус на интернет.


„Ифо“: Запрен слободниот пад на германската индустрија

Слободниот пад на активностите во германската индустрија се ближи кон крајот, објави германскиот економски институт „Ифо“ во зимските прогнози.
За оваа година „Ифо“ предвидува раст на германскиот бруто-домашен производ (БДП) од 0,5 отсто. Нов пад на економските активности е малку веројатен, така што во четвртото тримесечје за 2019 година се очекува раст од само 0,1 отсто.


„БМВ“ обезбеди литиум вреден половина милијарда долари

Германскиот производител на луксузни автомобили „БМВ“ објави дека со кинеската компанија „Ганфенг“ склучил договор вреден 540 милиони американски долари за набавка на литиум потребен за изработка на батерии за автомобилите.
– Со потпишувањето на овој договор, ќе ги намириме сите потреби за литиум што го користиме во производството на батериски ќелии – изјави Андреас Вендт, извршен директор на „БМВ“.
Договорот го опфаќа периодот до крајот на 2024 година.
– Нашата намера е до 2021 година во нашиот асортиман да имаме 25 модели на електрични автомобили, од кои повеќе од половината ќе бидат исклучиво електрични – рече Вендт.
Дотогаш хибридните и електричните автомобили би требало да сочинуваат третина од производството на „БМВ“. „Ганфенг“ вади литиум во Австралија.