Германската индустрија бара повеќе инвестиции од државата

Германската влада мора повеќе да инвестира, изјави Дитер Кемпф, прв човек на Сојузот на германската индустрија (БДИ), предупредувајќи дека „економијата веќе стагнира“.
– Сојузната влада веќе некое време не ги задоволува нашите очекувања кога станува збор за темпото на реформи – рече Кемпф.
Тој смета дека владејачката коалиција на десниот центар на демохристијаните на Ангела Меркел и на социјалдемократите од левиот центар има „големо мнозинство“ за етаблирање на Германија како индустриска локација. Но, и покрај рекордниот буџет, Кемпф вели дека не гледа посветеност за поголеми инвестиции, ниту обиди германската даночна политика да се направи поконкурентна во однос на меѓународните даночни стапки.

Сопствениците на „Фијат“ купуваат голема италијанска медиумска групација

Семејството Ањели, основач на империјата „Фијат“, ги проширило сопственичките удели над медиумите со купувањето на италијанската групација ГЕДИ, која ги опфаќа дневните весници „Ла република“, „Стампа“ и „Ил Секоло ХIХ“, како и неколку локални весници и три радиостаници.
Холдинг-компанијата ЕКСОР, сопственост на семејството Ањели, купи 44 отсто удел во медиумската групација ГЕДИ за 102,5 милиони евра, се наведува во соопштението објавено во понеделникот вечер.

СТО: ЕУ не ја усогласила поддршката на „Ербас“ со меѓународните прописи

Европската Унија (ЕУ) не ги усогласила субвенциите за производителот на авиони „Ербас“ со меѓународните прописи за слободна трговија, објави Светската трговска организација (СТО), трасирајќи го патот за можни американски компензациски царини.
На почетокот на октомври, СТО во Вашингтон одобри воведување компензациски царини на европскиот увоз во висина од 7,5 милијарди долари.
ЕУ тврдеше дека заедно со своите членки Велика Британија, Франција, Германија и Шпанија ги укинала мерките за поддршка за производителот на авиони, предмет на повеќегодишен трговски спор со САД.
Арбитрите на СТО објавија во понеделникот дека ЕУ не докажала дека недозволената државна поддршка на моделите „А350“ и „А380“ на „Ербас“ навистина е укината.