Дизелот поскапе за половина денар

Цената на дизелот и екстра лесното масло за домаќинство се зголеми за половина денар, а бензините останаа со иста цена, одлучи Регулаторната комисија за енергетика.
Дизелот ќе се продава по цена од 61,5 денар за литар, а екстра лесното масло за домаќинство по цена од 50,5 денари за литар. Еуросупер БС-95 и оваа недела ќе се продава по цена од 68,5 денари за литар, а еуросупер БС-98 за 70,5 денари за литар.

„Катар ервејз“ заинтересиран да купи удел во „Луфтханза“

Авиокомпанијата „Катар ервејз“ е заинтересирана да купи удел во германскиот авиопревозник „Луфтханза“, објави извршниот директор на катарската авиокомпанија Акбар ал Бакер.
– Ако постои можност за инвестирање во „Луфтханза“, јас сум за – рече Ал Бакер за време на посетата на премиерот на германската сојузна покраина Долна Саксонија, Стефан Веил на Доха.
Тој додаде дека првиот чекор би бил партнерство.

Американците на црн петок потрошиле 7,4 милијарди долари купувајќи преку интернет

Наместо чекање во редици пред трговските центри, Американците на црн петок, кога се најголемите попусти, сè повеќе купуваат преку Интернет. Овој црн петок потрошиле 7,4 милијарди долари на интернет-тргување, објави „Адобе аналитикс“.
Тоа е рекордна потрошувачка кога е во прашање онлајн-купувањето на црн петок, дури за 20 отсто поголема во однос на минатата година. Исто така, тоа е втора најголема потрошувачка во историјата на САД остварена во еден ден купување преку интернет. Минатогодишниот сајбер-понеделник беше „порасипнички“, оти Американците онлајн потрошиле 7,9 милијарди.
„Адобе аналитикс“ предвидува дека овој сајбер-понеделник ќе се потрошат 9,4 милијарди долари преку интернет.

Стапката на невработеност во ЕУ непроменета

Стапката на невработеност во Европската Унија била стабилна во октомври, шести месец едноподруго, покажуваат податоците на Евростат. На ниво на ЕУ сезонски приспособената стапка на невработеност, мерена според методологијата на Меѓународната организација за труд, во октомври се задржала на 6,3 отсто, најниско ниво откако Евростат започна со месечни извештаи во јануари 2000 година.
Во октомври минатата година невработеноста изнесувала 6,7 отсто.
Во еврозоната стапката на невработеност во октомври се лизна за 0,1 процентен бод, на 7,5 отсто, најниско ниво од јули 2008 година.