Ветерниот парк „Богданци“ со рекордно производство на струја

Паркот на ветерни електроцентрали „Богданци“ до крајот на август испорачал рекордни над 87 гигават-часа електрична енергија, што претставува натфрлање на планираното производство за тој период за 37,5 отсто.
– Четири месеци пред крајот на годинава, овој производствен капацитет што го користи ветерот како погонска сила, веќе остварил над 91 процент од годишниот производствен план, предвиден во енергетскиот биланс. Производството на ветерниот парк „Богданци“ во првата половина од 2020 година заклучно со 30 јуни е 68.452 мегават-часа (мгвч) или за 43,5 отсто повеќе од планираните 47.712 мгвч – соопштија од Електрани на Северна Македонија, ЕСМ.
Според ЕСМ, производството е поголемо од планираното поради поволните временски услови и ветровите поголеми од 4 метри во секунда, кои се во проектираниот работен опсег на ВЕЦ „Богданци“.
Инаку, енергијата од ветерот за производство на струја сè уште е незначително искористена во земјава, иако постојат добри географски потенцијали, што е потврдено од сите досегашни студии, според кои, има најмалку 15 поволни локации за изградба на ветерни паркови.

Фонд за млади умови и 3.000 денари за младински додаток

Формирање фонд за млади умови, воведување закон за младинска гаранција, засилена практична настава и продолжување на исплатата од 3.000 денари месечно младински додаток се дел од клучните приоритети на кои Влада ќе се посвети во својот четиригодишен мандат за зголемување на вработеноста на младите. Ова го објави Владата во својата програма, а целта е да се врати довербата на младите во извесна и сигурна иднина во државата, и токму затоа ќе водат насочени политики за зголемување на нивната вработеност.
Во програмата се наведува дека ќе продолжи исплатата од 3.000 денари месечно младински додаток, но и поврат на персоналниот данок на доход за сите нововработени под 30 години.
– Ќе продолжи исплатата од 3.000 денари месечно младински додаток за вработени млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование, кои работат во производството. Исто така, ќе има и поврат на персоналниот данок на доход за сите нововработени под 30 години, во првите две години при што средствата ќе се враќаат директно на нивна сметка – стои во програмата за период 2020-2024.

Младите Австралијци не работат земјоделство ниту за 3.800 долари неделно

Фармерите во Квинсленд, Австралија, се обидуваат да ги привлечат младите Австралијци да берат овошје, зашто се соочуваат со хроничен недостиг од работници и покрај фактот дека заработувачката може да биде до 3.800 долари неделно.
Одгледувачите нудат атрактивна плата за работата – која беше популарна за оние што одеа во Австралија пред затворањето на границите поради пандемијата – бидејќи овошјето им скапуваше на земја.