Нови милион невработени во САД

Бројот на нови барања за исплата на надоместок за невработеност во САД повторно минатата недела го надмина нивото од еден милион, соопшти тамошното министерство за труд.
Најмногу барања, повеќе од шест милиони, се поднесени во екот на пандемијата на коронавирусот, во втората половина на март и оттогаш нивниот број опаѓал, спуштајќи се пред минатата недела првпат од почетокот на пандемијата под нивото од еден милион.
Минатата недела порасна за 135 илјади, на 1,1 милион. Во периодот пред пандемијата ретко кога надминувал 100 илјади.

„Алибаба“ забележа скок на тримесечната добивка

Кинескиот дигитален гигант „Алибаба“ информира за скок на тримесечната добивка бидејќи луѓето за време на пандемијата на коронавирусот повеќе купувале преку интернет и работеле од дома.
Во тримесечниот период заклучно со јуни, нето-добивката е повеќе од удвоена, на 47,49 милијарди јуани (6,8 милијарди долари).
Вкупните приходи пораснале околу 34 отсто, на 153,75 милијарди јуани. Истиот процентен раст е забележан и во главното работење во делот на електронската трговија, на 133,32 милијарди јуани.

Намален швајцарскиот трговски вишок

Швајцарскиот трговски вишок паднал во јули, одржувајќи значително побавен раст на извозот и увозот, покажуваат официјалните податоци.
Вишокот паднал 5,9 отсто во однос на јуни и изнесувал 2,58 милијарди швајцарски франци, покажаа податоците на швајцарската царинска управа.
Извозот реално пораснал втор месец во низа, за 2,3 отсто на годишно ниво. Во јуни тој скокнал 8,1 отсто.
Многу поскромно пораснал и увозот, за 1,1 отсто. Во јуни неговиот скок беше 5,1 отсто.
Резултатите и натаму се значително послаби за разлика од истиот период лани, нагласува царинската управа.