ЕК го истражува договорот на „Гугл“ за купување на компанијата „Фитбит“

Обидот на „Гугл“ да ги престигне „Епл“ и „Самсунг“ на пазарот на преносна технологија со купување на американската компанија „Фитбит“ наиде на пречка, бидејќи европските регулатори за заштита на пазарната конкуренција поведоа истрага во врска со договорот вреден 2,1 милијарди долари.
Преносната технологија (вајарабл технолоџи) ја сочинува група електронски уреди што се носат во близината или на површината на кожата, при што ги откриваат и ги анализираат телесните процеси и показатели како што се на пример крвниот притисок, пулсот, поминатото растојание и слично, а најде примена и во навигациските системи и во здравството.

Потегот на Европската комисија дојде без оглед на ветувањето на „Гугл“ дадено во јули дека нема да ги користи податоците на уредите за следење на активностите за рекламни цели.

Европскиот регулатор за заштита на пазарната конкуренција соопшти дека договорот уште повеќе ќе ја зацврсти доминацијата на „Гугл“ на подрачјето на интернет-огласувањето и дека ветувањето на компанијата е недоволно за ублажување на неговите резерви во однос на договорот.
ЕК на 9 декември ќе одлучи дали ќе го одобри или ќе го блокира договорот.

Благ раст на цените на индустриските производи

Цените на индустриските производи во ЕУ и во еврозоната во јуни благо пораснале на месечно ниво, додека на годишно, под влијание на падот на цените на енергијата, значително се намалиле, покажа извештајот на Евростат.
Цените на индустриските производи и во ЕУ и во еврозоната во јуни пораснале за по 0,7 отсто во однос на мај, кога паднаа за 0,5 односно 0,6 отсто на месечно ниво.
Најголем раст на цените на месечно ниво е забележан во енергетскиот сектор за 3,3, односно 3,1 отсто.

„Бајер“ во загуба поради скапите спогодби

Германскиот фармацевтски гигант „Бајер“ во второто тромесечје работел со нето-загуба од 9,5 милијарди евра поради зголемените трошоци во судските процеси поради глифосатот во неговите хербициди, објави компанијата.
Наглиот пад на заработката го поттикнаа посебните ставки со вкупен износ од 12,5 милијарди евра, главно поради масовните спогодби на кои компанијата се согласи во јуни.

Во второто ланско тромесечје „Бајер“ оствари нето-добивка од околу 400 милиони евра. Приходите од продажбата во второто тромесечје го поттикна работењето на компанијата во земјоделскиот сектор, додека пандемијата на коронавирусот го притисна фармацевтското работење. Одложени се многу медицински зафати што биле итни, а пациентите од стравот од зараза ги избегнуваа ординациите и болниците, соопшти компанијата со седиште во Леверкузен. С.Т.