ЕК: Поголема криза од очекувањата

Економијата на ЕУ ќе го доживее најтешкиот пад од Втората светска војна во вториот квартал во 2020 година, се наведува во прогнозата на Европската комисија. Годинава се предвидува растот на БДП во еврозоната да се намали за 8,7 отсто, како и растот следната година од 6,1 отсто, додека за 27-те земји-членки на ЕУ се предвидува БДП да падне за 8,3 проценти оваа година и да порасне за 5,8 отсто следната година.
Европската комисија смета дека пандемијата на ковид-19 ја погоди европската економија повеќе од очекуваното и дека патот до економското закрепнување е сè уште неизвесен, пред сѐ поради обновените жаришта на заразата, што доведува до враќање на привремените мерки или до затворање.

ДЗС: Извозот бележи пад од 25,2 отсто

Државниот завод за статистика објави дека вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари – мај 2020 година, изнесува 120.719.407 илјади денари и бележи пад од 25,2 отсто во однос на истиот период од претходната година. Пад е регистриран и кај увезената стока, и тоа за 20,6 проценти.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – мај 2020 година, изнесува 48.631.382 илјади денари. Покриеноста на увозот со извоз, во перидот јануари – мај 2020 година, изнесува 71,3 отсто.
– Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо учеството имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали, плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав – посочуваат од ДЗС.
Според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и со Бугарија.