Нарачките во Германија со послабо темпо од очекувањата

Нарачките за германски фабрики се зголемија помалку од очекувањата, иако властите ги олабавија ограничувањата воведени поради коронавирусот.
Нарачките се зголемиле за 10,4 проценти во мај, што е под очекувањата на аналитичарите за 15 отсто, додека претходните два месеца падот на нарачките беше над 37 проценти.
– Ниското ниво на нарачки е знак дека процесот на закрепнување нема да биде завршен долго време. Состојбата на пазарите надвор од Европа останува сложена – се наведува во ставот на Министерството за економија.
Германските политичари посочуваат да не им се придава голема важност на првите сигнали за закрепнување и, според нив, целокупната активност ќе остане под нивото пред кризата со ковид-19, уште долго време.

Поскапеа угостителските услуги

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените на угостителските услуги во јуни 2020 година, во споредба со мај 2020 година, е зголемен за 0,2 отсто. Споредено по групи на услуги, зголемување е забележано во групите храна за 0,2 проценти и безалкохолни пијалаци за 1,4 отсто, додека во групата ноќевања е забележано намалување за 0,2 отсто.
Индексот на цените на угостителските услуги во јуни 2020 година, во однос на истиот месец од претходната година, е зголемен за 0,6 проценти.
Индексот на цените на угостителските услуги за периодот јануари – јуни 2020 година, во однос на истиот период од минатата година, е зголемен за 0,4 отсто.