Канадски компании се откажуваат од рекламирање на Фејсбук

Канадски компании се приклучуваат кон групата светски брендови што решија да не се рекламираат на „Фејсбук“ поради одбивањето на компанијата да преземе мерки против ширење содржини со омраза на својата платформа.
Канадските компании „Лулулемон“, МЕЦ и „Арктерикс“ ќе ги повлечат своите платени реклами од „Фејсбук“ и ќе се приклучат на бојкотот, кој веќе го поддржаа „Кока-кола“, „Мајкрософт“, „Форд моторс“ и многу други.
Различни групи за граѓански права, вклучувајќи ја и Лигата против клевета и Националното здружение за унапредување на животите на „обоените“ луѓе, велат дека „Фејсбук“ не направил доволно за да спречи расистички, лажни и опасни содржини на својата платформа.

Германија го намалува ДДВ-то

Членовите на Долниот дом во германскиот парламент го поддржаа пакетот за стимулирање што вклучува намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 19 на 16 отсто. Целта е да се стимулира растот на економијата по падот предизвикан од пандемијата. Исто така, се очекува Горниот дом на парламентот, Бундестагот, да го поддржи намалувањето на ДДВ, што ќе ја чини Владата 20 милијарди евра, како и други мерки, вклучувајќи и исплата на бонуси на семејства од 300 евра по дете.
– Имаме шанса да ја вратиме економијата на патот на раст во втората половина од годинава – рече министерот за економија Петер Алтмајер.
Стапката на инфлација во Германија се зголеми малку во јуни на годишна основа, според првичните статистики, но сепак е под проектирањата на Европската централна банка (ЕЦБ), што, според „Ројтерс“, дополнително го оправдува пакетот мерки за стимул на економијата.

Германската берза ќе ги менува правилата

Германскиот берзански оператор Дојче берза објави дека размислува за ревизија на правилата за котирање на акции на главниот список. Според Ројтерс, Дојче берза ги преиспитува правилата за членство во кошницата акции што го сочинуваат индексот на најликвидни акции Дакс, поради скандалот со „Вајркард“, некогашната ѕвезда на германскиот ИТ-сектор.