УНВТО: Ковид-19 значително го сотре светскиот туризам

Пандемијата на ковид-19 значително го загрози светскиот туризам, намалувајќи го бројот на меѓународни пристигнувања од почетокот на годината до крајот на април за 44 отсто, во однос на истиот период лани, со загуба во приходите од 195 милијарди долари, извести Светската туристичка организација (УНВТО).
Иако се очекуваше дека април без оглед на присутната пандемија сепак ќе биде еден од пофреквентните периоди од годината поради велигденските празници, речиси целосното ограничување на патувањата доведе до пад од 97 отсто во меѓународните туристички пристигнувања тој месец.
Во март падот на светско ниво беше 55 отсто, додека за периодот од април па наваму, особено за летниот дел од туристичката година, од УНВТО напомнуваат дека се гледа некаква надеж, но дека сè уште е неблагодарно и неизвесно да се прогнозира.
УНВТО им препорачува на владите низ светот да се посветат на рестарт на туристичките политики и стратегии.

Данска воведува данок на јаглерод диоксид и на стакленички гасови

Владејачката коалиција во Данска се согласи да воведе данок на емисијата на јаглерод диоксид и на гасовите што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина – соопшти данската влада.
Данска ја има најамбициозната програма во борбата против климатските промени во светот. Нејзина цел е да ја намали емисијата на стакленичките гасови до 2030 година за 70 отсто и да стане целосно климатски неутрална најдоцна до 2050 година.
Како дел од поширокиот климатски договор насочен кон намалување на емисиите на јаглерод, Владата во Данска ќе преговара за „зелената даночна реформа“, во чии рамки, компаниите би требало да плаќаат данок на емитиран јаглерод диоксид.
Во март, Данскиот совет за климатски промени, владино советодавно тело, истакна дека Данска треба нагло да го зголеми „данокот на јаглерод“ за да ги исполни сопствените климатски цели.

САД забранија издавање зелени карти до крајот на годината

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја продолжи забраната за одобрување зелени карти надвор од САД до крајот на годината.
Во рамките на забраната се додадени и голем број хонорарни работи, вклучувајќи ги и оние што ги нудат технолошките компании и мултинационалните корпорации.
Висок претставник на администрацијата на Трамп, кој посака да остане анонимен, наведе дека забраната ќе остане во сила до крајот на годината во рамките на напорите да се ослободат што повеќе работни места.
Според претпоставките на администрацијата, со ова ќе се ослободат до 525.000 работни места за Американците.