Лагард: Економијата на ЕУ драматично паѓа

Челниците на ЕУ мораат брзо да усвојат план за закрепнување од корона-кризата бидејќи економијата драматично паѓа, предупреди директорката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард.
Копјата во ЕУ се кршат околу тоа дали треба закрепнувањето на земјите-членки да се поткрепи со неповратна помош, поволни заеми или, пак, со комбинација на овие два инструмента.
На опцијата за неповратна помош се противат Австрија, Данска, Холандија и Шведска, а најгласно ја заговараат Италија и Шпанија, со поддршка на Франција.
– Индексите сигнализираат дека економските активности во еврозоната во второто тромесечје ќе паднат за околу 13 отсто – рече Лагард, потврдувајќи ги процените на ЕЦБ за пад на БДП во еврозоната оваа година за 8,7 отсто, како и закрепнување во 2021 година, со проценета стапка на раст од 5,2 отсто.

Пандемијата му нанесе огромни загуби на водечкиот организатор на крстосувања

Британско-американскиот организатор на крстосувања „Карнивал“ информира дека второто фискално тромесечје го заклучил со нето-загуба од 4,4 милијарди долари поради пандемијата на ковид-19, која го принуди на отпишување на вишокот бродови.
Нето-загубата во тримесечниот период заклучно со крајот на мај е најголема во историјата на водечкиот организатор на крстосувања во светот. Во истиот период минатата година компанијата работела со нето-добивка од 451 милион долари.
Бизнисот со крстосувања се урна откако неколку брода, вклучувајќи и некои во сопственост на „Принцес крусе“ на „Карнивал“, станаа жаришта на епидемијата на коронавирусот. Некои патници и работници починаа од последиците на заразата, а на некои им беше одреден карантин во пристаништата.

Италија ги претстави „бонусите за одмор“ за да му помогне на туризмот

Италија ги претстави деталите на новата шема на „бонусите за одмор“, според која секое домаќинство со ниски приходи ќе добие до 500 евра за да му се помогне на туристичкиот сектор во земјата, погоден од корона-кризата.
Владата соопшти дека издвојува 2,4 милијарди евра за домаќинствата што заработуваат помалку од 40 илјади евра годишно, за да добијат субвенции за летување во Италија, а не во странство.