Франција најави поддршка за домашното производство на лекови

Францускиот претседател Емануел Макрон и водечкиот производител на лекови „Санофи“ најавија инвестиции во домашното производство на лекови за да му помогнат на системот за здравствена заштита во борбата против коронавирусот.
„Санофи“ најави дека ќе вложи 610 милиони евра во две фабрики во Франција, кои има намера да ги претвори во центар за истражување, развој и производство на вакцини.
Макрон рече дека државата ќе вложи 200 милиони евра во домашните истражувања и производство на лекови.


Контролиран стечај последна опција за ЛОТ

Контролиран стечај на полскиот авиопревозник ЛОТ поради проблемите предизвикани од мерките за сузбивање на пандемијата на коронавирусот не е исклучен, но е последната опција за која се размислува, изјави вицепремиерот во полската влада Јацек Сасин.

– Во моментот не предвидувам такво сценарио. Можно е, но го сметам апсолутно за последна опција – рече Сасин.
ЛОТ е во државна сопственост, а државата сака да ја подобри состојбата во компанијата преку намалување на платите, но и преку нови договори со лизинг со компаниите околу условите за изнајмување на авионите.
– Полска ќе ја разгледа и опцијата за државна помош каква што добија компаниите во другите земји – рече Сасин.

ЛОТ кон средината на март ги прекина сите летови поради пандемијата на коронавирусот, кој ги принуди владите низ светот да ги ограничат патувањата. Полскиот превозник овој месец повторно започна со летови дома, но не и во странство.


„Ериксон“ ја подигна прогнозата за глобалните претплати во 5Г-мрежата

Претплатите на услугите во мобилните мрежи на новата 5Г-генерација ќе пораснат во 2020 година значително посилно од очекуваното, благодарејќи на забрзаното ширење на оваа технологија во Кина, процени шведскиот производител на опрема „Ериксон“.
До крајот на годината бројот на глобални претплати на услугите во 5Г-мрежите ќе достигне 190 милиони, речиси двојно повеќе од првичните процени на „Ериксон“, кои беа околу 100 милиони претплатници.

Главната причина за ваквите бројки е забрзаниот развој на 5Г-технологијата во североисточна Азија, истакнуваат од шведската компанија, издвојувајќи ја изградбата на мрежата, која би требало да покрива поголем дел на Кина, како и подобрувањето на инфраструктурата во Јужна Кореја и воведувањето на комерцијални 5Г-услуги во Јапонија.

– До крајот на годината бројот на претплати во тој регион би требало да се приближи до 170 милиони – се наведува во полугодишниот извештај за мобилност.
Во другите делови на светот воведувањето на новата технологија е одложено поради пандемијата на коронавирусот.
Вкупно во светот во 2025 година бројот на претплати на услугите во 5Г-мрежите би требало да достигне 2,8 милијарди, односно околу 30 отсто од вкупните претплати за мобилни услуги, проценуваат во „Ериксон“.