Поголема поддршка за младите земјоделци

Со измените на Законот за земјоделство и рурален развој се зголемува неповратната финансиска поддршка за младите земјоделци до 40 години, од 10.000 на 20.000 евра. Мерката ќе биде за започнување и вршење земјоделска дејност.
Со дел од измените на Законот за земјоделство и рурален развој се овозможува исплата на лозарите, кои имаа побарувања од винарските визби „Повардарие“ и „Стефани“.
– Станува збор за 600 лозари, кои не беа опфатени во претходната исплата на долгот што овие винарници го имаа кон лозарите, а кој го исплати Владата. Со ова ќе биде комплетирана исплатата за сите лозари, кои не ги имаа добиено парите од винарниците за предаденото грозје во периодот од 15 август 2014 година до 15 ноември 2016 година – соопшти Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Охрид меѓу врвните туристички дестинации

Францускиот магазин АД посветен на декорацијата, уметноста, архитектурата и начинот на живеење, на своите читатели им препорачува пет дестинации за одмор во 2020 година, меѓу кои и Охрид.
Охрид е втората дестинација на магазинот, покрај карипскиот остров Аруба, планината Барилоче во Патагонија, Ванкувер во Канада и Котор во Црна Гора.
Причините што ги наведува магазинот како совет за да се замине на одмор во Македонија се гастрономијата, вековните традиции и природата.

„Емирејтс“ нарача 30 авиони „боинг 787-9 дримлајнер“

Државниот авиопревозник на Обединетите Арапски Емирати, „Емирејтс“, објави дека нарачал 30 авиони „боинг 787-9 дримлајнер“, со вкупна вредност од 8,8 милијарди американски долари, а вредноста на нарачката е речиси за половина помала од онаа доставена до европската компанија „Ербас“.
– Со овој договор се утврдува постојниот меморандум за разбирање за авионите „боинг 787-9 дримлајнер“. Испораките ќе започнат во мај 2023 година и ќе се одвиваат во следните пет години – објави превозникот на Твитер.

Полска сака да го зголеми уделот на домашниот капитал во компаниите

Полска сака да ја зацврсти улогата на државата во економијата, а ќе продолжи и со поттикнувањето поголем удел на домашниот капитал во компаниите, порача новиот полски премиер Матеуш Моравецки.
Полската владејачка партија Право и правда (ПиС) и за време на првиот мандат ја зголеми државната контрола над банкарскиот сектор, паралелно обидувајќи се да обезбеди контрола на домашниот капитал во што повеќе компании, напомнува Ројтерс.