„Бомбардиер“ отпушта 2.500 работници

Канадската компанија „Бомбардиер“, која воведе големи промени во авионскиот бизнис пред глобалната пандемија, сега се соочува со голем пад на приходите, а принудена е да отпушти 2.500 работници поради кризата предизвикана од коронавирусот.

„Бомбардиер“ овие отпуштања ги правда со падот на побарувачката на бизнис-авиони, бидејќи авионскиот сектор од март е речиси целосно запрен. Во изјава за Радио Канада, компанијата соопшти дека 1.500 работници ќе бидат отпуштени во Квебек и 400 во Онтарио, а остатокот на отпуштања е планиран во меѓународните објекти на компанијата.

„Бомбардиер“ во март ги запре сите операции, во обид да ги заштити вработените од ширење на вирусот. Таа постепено продолжи со работа минатиот месец, но веќе во првиот квартал забележа загуба од 200 милиони долари.

„Бомбардиер“ имаше проблеми многу пред почетокот на пандемијата. Според процените од минатиот септември, компанијата беше соочена со долг во висина од речиси 10 милијарди. „Бомбардиер“ вработува околу 60.000 луѓе низ светот.

Бундесбанк: На Германија ќе ѝ требаат две години да закрепне од рецесијата

Германската економија оваа година значително ќе падне и можеби ќе ѝ бидат потребни две години да го надомести тоа, соопшти Бундесбанк, придружувајќи им се на големиот број аналитичари што предвидуваат побавно закрепнување од рецесијата што ја предизвика пандемијата на ковид-19.

Најголемата економија во еврозоната, оваа година според календарски приспособените податоци ќе падне 7,1 отсто, односно 6,8 отсто според неприспособените податоци, соопшти германската централна банка во своите полугодишни проекции.

Овие проекции Бундесбанк ги изнесе неколку дена откако Владата го одобри планот за стимулација на економијата вреден 130 милијарди евра. Централната банка соопшти дека календарски приспособениот раст во 2021 година ќе биде 3,2 отсто, а во 2022 година би требало да изнесува 3,8 отсто. Податоците на Бундесбанк беа соопштени само еден ден откако Европската централна банка ги намали своите прогнози за еврозоната, предвидувајќи пад на БДП од 8,7 отсто во 2020 година, а во полошото сценарио од 12,6 отсто.

Кина ги обвини САД за притисок врз компании

Кинеското министерство за трговија реагираше на одлуката на САД за ставање на црната листа на 33 кинески компании и институции на кои им се забранува продажба на американски производи. Пекинг порача дека САД „со државна сила вршат притисок врз компании од други земји“.

Во пишаната изјава на Министерството за трговија се наведува дека САД ги користат човековите права и воените прашања како изговор.
– Кина на тоа силно се противи. САД повеќепати ги злоупотребија мерките како контрола на извозот под таканаречената маска за национална безбедност и ја користат државната моќ за да извршат притисок врз другите земји – се вели во соопштението.