„Тојота“ со намален профит за речиси 80 отсто

Корпоративниот оперативен профит на „Тојота мотор“ во оваа финансиска година ќе биде помал за 79,5 отсто и ќе изнесува 500 милијарди јени (4,66 милијарди долари), соопштија од компанијата, образложувајќи го огромниот пад на профитот со пандемијата на коронавирусот, пренесува ДПА.
Како што соопштуваат од компанијата, „Тојота“ очекува нивните приходи од продажбата до март 2021 година да паднат за 19,8 отсто во однос на претходната финансиска година, на 24 трилиони јени, а притоа да ги задржат очекувањата за нето-заработка поради ефектите од пандемијата.
За периодот јануари-март „Тојота“ забележа нето-профит од 86,3 отсто, или 63,2 милијарди јени, а оперативната добивка опадна за 27,5 отсто, на 384,1 милијарди јени. Продажбата во првиот квартал е намалена за 8,4 отсто, на 7,1 трилион јени.

САД преговараат за изградба на фабрики за чипови

Американската влада преговара со компаниите што произведуваат полуспроводници за изградба на фабрики за чипови во САД, потврдуваат од овие компании.
– „Интел“ преговара со американското министерство за одбрана за домашно производство на микроелектроника и слични технологии – изјави Вилијам Мос, портпарол на оваа компанија.
„Тајван семикондактор манифактуринг“, пак, преговара со американското министерство за трговија исто така за изградба на фабрика во САД, но оттаму истакнуваат дека сè уште не донеле конечна одлука.
Преговорите за изградба на фабрики во САД временски се поклопија со засилените дипломатски тензии меѓу САД и Кина за време на пандемијата на коронавирусот, поради обвинувањата за тоа кој стои зад ширењето на ковид-19. Влошените дипломатски односи се надоврзаа на трговските тензии, кои траат веќе две години.
„Волстрит журнал“ неодамна објави дека американските функционери сакаат да му помогнат на јужнокорејскиот „Самсунг електроникс“, кој има фабрика за чипови во Остин во Тексас, да ги прошири производствените операции во САД. Од „Самсунг“ не ги коментираат ваквите наводи.

Најголем пад на индустриското производство во Италија од 1990 година

Индустриското производство во Италија, поради корона-кризата, во март потона за 29,3 отсто во однос на истиот период лани, покажаа сезонски приспособените податоци на тамошниот државен завод за статистика ИСТАТ.
Тоа е најголем пад на индустриското производство во третата најголема економија во еврозоната од 1990 година.
Во однос на февруари, индустриското производство потонало за 28,4 отсто.
Италија трпи огромни штети од пандемијата на коронавирусот. Според податоците заклучно со недела, во земјата се регистрирани 30 илјади починати и речиси 220 илјади заразени. С.Т.