Шефот на Бундесбанк ги оправдува вонредните мерки на ЕЦБ

Вонредните мерки на Европската централна банка (ЕЦБ) беа потребни за да се поткрепи економијата во еврозоната, и покрај различните мислења за деталите, изјави претседателот на германската централна банка Јенс Ваидман.
Коментирајќи ја програмата за купување имот што ја спроведува ЕЦБ за да ја поткрепи економијата и да спречи инфлација, Ваидман за германските медиуми вели дека за време на криза се потребни сеопфатни и вонредни политички мерки.
– И централните банки мора да дадат придонес кон стабилизацијата на економијата во кризни времиња – додаде шефот на Бундесбанк, напоменувајќи дека „е важно да се излезе од кризниот механизам штом економијата ќе почне повторно да расте“.

Незабележан удар врз економијата на ЕУ

Европската Унија предвиде „рецесија од историски размери“, со пад на производството поголем од седум отсто, откако ја објави својата прва официјална прогноза за штетата што пандемијата на новиот коронавирус ја предизвикува врз економијата на овој блок.
Според Европската комисија, во пролетните економски прогнози пандемијата е голем шок за глобалната и европската економија, која се соочува со удар каков што не е забележан уште од големата депресија.
– Европа се соочува со удар врз економијата што не е забележан од големата депресија. И длабочината на рецесијата и силата на закрепнување ќе бидат невоедначени, а ќе зависат од брзината со која ќе се укинуваат ограничувањата на движењето, важноста на услугите како туризмот во секоја економија, но и од финансиските ресурси на одделни држави – изјави еврокомесарот за економија Паоло Џентилони, презентирајќи ги првичните економски процени на Комисијата од избувнувањето на пандемијата.

„Ер би-ен-би“ отпушта четвртина од вработените

„Ер би-ен-би“ поради пандемијата на коронавирусот отпушта 25 отсто од својата работна сила, што се однесува на речиси 1.900 вработени во оваа стартап-компанија за изнајмување сместувачки капацитети.
Како што јавува Ројтерс, повикувајќи се на анонимни извори, вработените ќе добијат испратнини во износ од четири месечни плати, како и здравствено осигурување за една година.
Поради пандемијата дојде до драстичен пад на приходите на компанијата, поради што беше донесена одлука за отпуштање работници. С.Т.